Сет унапредувања за европската Toyota Corolla / ФОТО
Сегашната дванаесетта генерација на Toyota Corolla е во понуда од 2018 година, а за потребите на понудата на европскиот пазар, јапонскиот хит модел добил сет ажурирања
Направени се само неколку промени, а најзначајна е воведувањето на нов мултимедијален систем. Се уште се нуди со екран на допир, дијагонала од осум инчи, а околу него исчезнале неколку аналогни копчиња. Останува само едно, наменето за прилагодување на јачината на звукот на музичкиот уред.
Новиот процесор работи 2,4 пати побрзо, додаден е и вграден модем, а проширени се можностите за безжично поврзување. Унапреден е и системот за гласовна контрола, додека опцијата Apple CarPlay сега е достапна безжично.
Промените на надворешноста на Corolla се минимални. Тука се двете нови нијанси за боја на каросеријата (Platinum White Pearl и Silver Metallic) и новите фелни со 10 краци од 17 инчи.
Во палетата е додадена и специјалната верзија Corolla Touring Sports Trek, која е позиционирана како заеднички модел со производителот на велосипеди Trek Bikes. Главните разлики во однос на конвенционалниот караван се рефлектираат во пластичните додатоци поставени во долниот дел на каросеријата и во зголеменото растојание од подлогата за 20 милиметри. Новиот трим Trek Special Edition е побогат и поради вградувањето на оригинални фелни од 18 инчи, хромирани детали на страничните прозорци, внатрешен декор во црна боја…
Механички ажурирања нема, а ревидираните примероци на Corolla веќе можат да се нарачаат во Европа, додека продажбата, односно почетокот на испораките ќе стартуваат во последните денови од јануари.