Групата собрана околу грбот на Volkswagen објави дека на сите верзии на компактот Golf од осмата генерација ќе биде извршено освежување на софтверот низ Европа. Тоа практично значи дека само во Германија околу 220.000 возила ќе треба да се упатат во овластени сервиси

Причината за непланираната сервис посета лежи во постоечките софтверски проблеми со кои се соочуваат сопствениците на новиот Golf. Софтверот што ќе биде инсталиран во оваа прилика треба да помогне за потечна работа на навигацискиот уред и системот за гласовна контрола, вели портпаролот на компанијата.

Ќе потсетиме дека осмата генерација на Golf е во понуда од декември 2019 година, а иако го знаеме бројот на засегнати возила во матичната земја на компактот, светската бројка не е објавена. Но, Германците најавија дека отповикувањето не било наредено од регулаторното тело на КБА, како и дека за ова на пролет писмено ќе бидат известени сопствениците на Golf. Се знае и дека сите Golf единици подоцна произведени ќе добијат помоќен хардвер.

Германското списание Auto Motor und Sport беше првото што извести за подобрувањата на софтверот. Судејќи по нивните пишувања, читателите на магазинот пријавиле во редакцијата бројни проблеми на Golf 8. Се случувало возилото да не го препознае клучот, системите за асистенција да работат несоодветно или целосно да откажат.

Поплаки има и за тоа како апликацијата не ја чита точната километража, како и дека има неосновано активирање на системот за сопирање во критични ситуации. Дополнително, системот за препознавање сообраќајни знаци гледа непостоечки симболи во реалноста. Се случува и целосно откажување на инфозабавниот систем.

Покрај секојдневните проблеми предизвикани од нефункционалноста на возилото, како јасен проблем се јавува и непланираното големо губење на вредноста на Golf при препродажба. На посебен ризик се изложени лизинг-компаниите кои не ја земале во предвид непоузданоста на Volkswagen, додека самиот VW нагласи дека само неколку возила биле навистина погодени од овие проблеми.

Според Auto Motor und Sport, промените се фокусираат на софтверските делови на кои се потпираат навигацискиот уред и системот за гласовна контрола. Со отстранување на непотребните комуникациски канали и интерфејси, таканареченото основно оптоварување на системот се намалува за околу 20%, велат од производителот. Како резултат на тоа, системот почнува да работи побрзо, непречено и постабилно.

Нема информации колку ќе чини оваа сервисна кампања.