Сериозни обвинувања: Поранешни инженери на Tesla тврдат дека снимката за можностите на Autopilot 2.0 е монтажа! / ВИДЕО
Видеото е монтирано за да се отстранат снимките од несреќата и продолжува да се користи за промовирање на системот до ден-денес
Познатиот видео запис на Tesla, со кој компанијата го промовира својот систем за самоуправување Autopilot 2.0 без никакво човечко влијание, кој првично е објавен во 2016 година, а достапен и ден денес, според група поранешни вработени е монтиран.
Имено, двајца поранешни членови на Autopilot тимот анонимно зборувале за New York Times, дека автомобилот користел тродимензионална дигитална мапа за рутата која била однапред испланирана, карактеристика која е недостапна за возачите кои ја користат комерцијалната верзија на системот.
Уште поалармантно е што во еден момент од снимањето автомобилот, наводно, удрил во ограда покрај патот на имотот на Tesla додека го користел автопилотот, па затоа морал да се поправа, тврдат три лица кои работеле на видеото.
Видеото било монтирано за да се отстрани снимката од несреќата и продолжува да се користи за промовирање на системот до ден-денес. Во 2016 година, кога беше претставен Autopilot 2.0, Илон Маск на конференција изјави дека сите нови автомобили на Tesla користат камери, компјутери и цел друг хардвер што ќе им биде потребен за „целосна автономија“.
Тврдењата на Маск на таа конференција во 2016 година го изненадиле неговиот инженерски тим, со чувство дека тој ветува нешто што не е можно. Тие го обвинуваат дека со години ги игнорирал грижите на сопствените инженери и ги препродавал можностите на напредните помагала за возачот на Tesla, се вели во извештајот за кој NewYork Times интервјуирал вкупно 19 луѓе кои работеле за компанијата во тоа време.
„Камерите не се очи! Пикселите не се мрежницата! F.S.D. компјутерот не е ништо слично со визуелниот кортекс!’ вели Шујлер Кален, кој го надгледувал тимот за автономно возење на Samsung. Амнон Шашуа, извршен директор на Mobileye, пак, ја обвинува Tesla дека е повеќе водена од продажбата отколку од фактите. „Човек не треба да биде преокупиран со она што го кажува Tesla. Вистината не е нужно нивната крајна цел. Крајната цел е да се изгради бизнис’.