Седум месеци по трагедијата, Uber продолжува со тестирање на автономни возила
Uber повторно ќе може да ги тестира своите автономни автомобили во Пенсилванија, но овојпат ќе бидат преземени бројни безбедносни мерки за да се избегнат трагедии
По трагедијата во која автономен автомобил на Uber удри и уби жена во Аризона во месец март, компанијата го прекина тестирањето на возила контролирани од компјутери. Истрагата, како и некои информации од луѓе од Uber, покажа дека компанијата не ставила доволно акцент на безбедноста, ги игнорирала предупредувањата за проблеми со тестирањата и се однесувала неодговорно. Оваа недела, Uber повторно доби лиценца за тестирање на автономни возила во Пенсилванија, но сега, како што велат, ќе постапуваат многу попаметно и повнимателно.
За да се спречат нови трагедии и сообраќајни несреќи, во секое време во текот на тестовите ќе биде вклучен и системот за автоматско сопирање, напред ќе седат две лица, наместо едно како досега, а истите тие ќе бидат подобро контролирани.
Исто така, додека претходно оваа година автономните возила биле тестирани на јавни патишта во области со голем број на луѓе и со голема брзина и во текот на ноќните часови, новите тестови ќе се вршат само во близина на седиштето на компанијата во Питсбург. Тестови нема да се спроведуваат по влажен коловоз и кога ќе се стемни, а максималната брзина ќе биде ограничена на 40 km/h.
Сосема е јасно зошто во Uber се многу внимателни со новиот обид за тестирање на автономни автомобили, а ако се сака побрз развој и адаптација на овие технологии, во САД треба да се променат прописите и да усвојат закони кои ќе го дозволат тоа.
Без донесување на закони од страна на Конгресот, ќе се забави напорната работа од која би профитирале Американците, коментира за агенцијата Reuters, Глорија Бергуист, портпарол на Здружението на производители на автомобили во САД. Споменатиот закон ќе им овозможи на производителите на автомобили да продаваат до 80.000 автономни возила годишно во рок од три години откако ќе докажат дека нивните возила се безбедни, како и класичните автомобили.
Сепак, се чини дека, барем во блиска иднина нема да има ништо од донесување на ваков закон, бидејќи некои членови на Конгресот веруваат дека со закон не се осигурува безбедноста на самовозечките автомобили, и покрај критиките на лобисти од автомобилската индустрија и на некои сенатори, кои сметаат дека сегашните закони се напишани во време кога единствено луѓето управувале со автомобилите, па со оглед на радикалните промени што се случуваат на пазарот, тие треба да се променат.