Половина од нив претпочитаат компактни модели, а не SUV

Милениумската генерација или луѓето родени од раните 1980-ти до средината на 1990-тите се најважните клиенти не само за автомобилски компании. Тие се веќе на возраст кога прават пари и нивните навики како купувачи се интересна тема за компаниите.

Оваа недела, шпанскиот бренд SEAT објави податоци од студија за барањата на таканаречената генерација Y, која станува се поважна, бидејќи 12% од европските потрошувачи во моментов се во оваа возрасна група, а кои можат да купат нов автомобил.

SEAT не го открива бројот на учесници во студијата, но тврди дека 40% од нив рекле дека дизајнот на автомобилот е одлучувачки при изборот на нов автомобил. Тоа е затоа што огромното мнозинство го сметаат автомобилот за израз на својата личност.

Истражувањето, исто така, покажува нешто што е многу интересно – 50% од милениумската генерација претпочитаат автомобили од компактниот сегмент, а само 20% изразиле интерес за се помодерните SUV автомобили. Што се однесува до купувањето на нов автомобил, еден од пет учесници изјавиле дека можат да си овозможат нов автомобил со свои сопствени средства, а на другите им треба надворешно финансирање.

Друга особеност на претставниците на оваа генерација е дека тие имаат потреба во просек од 9 недели, за да го изберат својот нов автомобил со собирање на што е можно повеќе информации од веб страните на производителите или дилерите, како и од медиумите. Кај луѓето на возраст од 25 до 37 години лесно го пробива патот и идејата за споделување на автомобили. 26% од нив рекле дека се подготвени да преземат таков чекор, ако тоа ги намали нивните трошоци и штетните емисии од автомобилите.