Ова беше првиот и воедно најпопуларен компактен моноволумен

Сегментот на моноволумени загуби уште еден одличен модел. Компактниот моноволумен од семејството Megane на пазарот е присутен од 1996 година, а во меѓувреме стана толку популарен што се здоби со статус на посебен модел. Погодувате, тоа е Scenic кој се нудеше и во Grand изведба.

Иако достигна кумулативна продажба од 2,8 милиони примероци, Scenic во последните години бележеше постојан пад на популарноста. Не помогна ниту кросовер изгледот на последната генерација, па минатата година ја заврши со само 20.678 продадени примероци. На пример, десет години порано, Renault продаваше повеќе од 160.000 единици годишно.

Во сево ова сепак има и една добра вест. Продолжениот Grand Scenic со седум седишта се уште е во понуда и ќе остане на пазарот уште неколку месеци.

Како потсетување, Renault во последните неколку месеци од палетата повлече неколку звучни имиња, модели кои не успеаја да одржат задоволително темпо на продажба. Така, неодамна беше укинат Talisman, кој стана еден од подобрите избори во сегментот веднаш по редизајнот.

За жал, истата судбина го чека и Espace, првиот европски моноволумен, кој веќе е недостапен на некои европски пазари.

Да потсетиме, Volkswagen го укина Sharan во 2020 година, а минатиот месец истото го направи и Citroen со C4 SpaceTourer. Добрата вест е дека Ford S-Max се уште е во понуда.