Најголемиот северно-американски салон за автомобили, кој традиционално се организира во јануари, веќе со децении, може да го промени датумот на одржување

Организаторите на оваа манифестација размислуваат за месец октомври како можен нов датум за салонот во Детроит, пишува Crain’s Detroit.

Идејата не е нова и за неа челниците на саемот во Детроит разговарале минатата година како со производителите на автомобили така и со други излагачи, како што се компании кои произведуваат компоненти за автомобилската индустрија.

Официјална одлука за промена на датумот на одржување на салонот не е направена, но ако сите страни постигнат согласност за предложениот датум во октомври, истата, календарски, ќе стане оперативна од 2020 година.

Организаторите веруваат дека промената на терминот од зимски услови на есен ќе донесе бројни придобивки за сите.

Пред се, поради поволните климатски и временски услови, производителите би биле во можност некои технологии и иновации (како автономниот систем за возење), на јавноста да и го претстават и надвор од затворената сала. Имено, просечната дневна температура во Детроит во јануари е само 0°C, додека во октомври е 15,5°C

Другата причина за менување на условите се однесува на Меѓународниот саем за електроника во Лас Вегас, кој полека но сигурно станува место каде автомобилските компании ги претставуваат најновите технолошки достигнувања на нивните автомобили.

Овој настан исто така се организира во јануари, непосредно пред саемот во Детроит, па почнува да му станува конкуренција на салонот во Детроит, затоа што производителите на автомобили се повеќе избираат премиерата на некои од нивните иновации да се одржи во Лас Вегас.

Од друга страна, изборот на месецот октомври за нов термин на саемот во Детроит има и свои недостатоци.

Прво, датумот е блиску до авто салонот во Франкфурт или Париз, а не е далеку уште еден важен американски салон за автомобили, оној во Лос Анџелес (крајот на ноември).