RXR тимот на Нико Розберг успеа да го задржи зад себе X44 тимот на Луис Хамилтон, освојувајќи го првиот Extreme E шампионат

Себастиен Лоеб и Кристина Гутиерез од X44 дојдоа до својата прва тимска победа сезонава на Jurassic X-Prix во Дорсет, Велика Британија, но не можеа да го надополнат дефицитот од бодови во однос на RXR тандемот сочинет од Моли Тејлор и Јохан Кристоферсон, кои триумфираа три пати оваа сезона.

Двата тима всушност го завршија натпреварувањето изедначено, со 155 поени, откако RXR беше четврти во последната трка, но тимот на Розберг ја освои шампионската титула поради неколкуте претходни победи.

Оваа серија го комбинира светот на рели трките со тимови составени од двајца возачи, едниот маж, а другиот жена. Трките се одржуваат во подрачја погодени од глобалното затоплување, со цел да се подигне свеста за предизвиците предизвикани од овој проблем.

JBXE тимот на Џенсон Батон беше втор во последната трка, со Микаел Алин-Котулински и Тими Хансен зад воланот, а подиумот го заокружи тандемот на Andretti United.

На Розберг, Хамилтон и Батон во сезоната 2022 ќе им се придружи и McLaren.