Португалцот платил 16.5 милиони евра за Bugatti La Voiture Noir

Напаѓачот на Јувентус и португалскиот репрезентативец Кристијано Роналдо повторно e во центарот на вниманието, но овојпат не со неговите постигнувања на фудбалскиот терен. Според италијанското издание La Stampa, Роналдо станал сопственик на најскапиот автомобил на планетата, Bugatti La Voiture Noir, за кој платил 16,5 милиони евра (18,6 милиони долари).

Суперавтмобилот, чие име од француски се преведува како „црниот автомобил“, беше прикажан на саемот во Женева во месец март. Потоа стана јасно дека под хаубата на моделот се крие погонски агрегат од 1.500 КС, а максималната брзина е 420 km/h.

Претставувајќи го автомобилот, претседателот на Bugatti, Стефан Винкелман, тогаш изјави дека автомобилот веќе има купувач, еден од најголемите и најлојални фанови на брендот. Сега како што изгледа, тоа е токму петкратниот добитник на Златната топка, награда што секоја година се доделува за најдобриот фудбалер во светот.

Сепак, Роналдо ќе мора да чека најмалку две години за да седне зад воланот на La Voiture Noir – време за кое специјалистите на Bugatti треба да го направат автомобилот.