РКЕ: Од денес на бензинските пумпи нови значително повисоки цени на горивата!
Со последната одлука на РКЕ се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,60% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија од 23.03.2022 година.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-ЕV) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемуваат за 3,00 ден/лит, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 23.03.2022 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 82,00 ден/лит, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 84,00 ден/лит, малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 84,00 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 81,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се зголемува за 1,571 ден/кг, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 23.03.2022 година и со тоа Мазутот М-1 НС изнесува 55,163 ден/кг.
Во образложението на одлуката стои:
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,944% или за 30,400 $/тон, кај дизелот зголемување во просек за 5,650% или за 61,650 $/тон, кај екстра лесното масло зголемување во просек за 5,694 % или за 58,600 $/тон, и кај мазутот зголемување во просек за околу 3,588% или за 24,200 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 55,9699 ден/$ и е за околу 0,059 % понизок од курсот на доларот (56,0031 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка.