Со последната одлука на РКЕ се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,84%, во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно Одлуката на РКЕ на Република Северна Македонија од 17.01.2021 година

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемуваат за 2,00 денари/литар, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 17.01.2022 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 78,50 ден/лит, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 80,50 ден/лит, малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 71,00 ден/лит и малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 71,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,386 денар/килограм, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 17.01.2022 година и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 44,213 ден/кг.

Во образложението на одлуката стои: 

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот седумдневен период бележат зголемување кај бензинот во просек за 4,856% или за 37,900 $/тон, кај дизелот зголемување во просек за 4,802% или за 34,700 $/тон, кај екстра лесното масло зголемување во просек за 4,821% или за 34,750 $/тон, и кај мазутот зголемување во просек за околу 4,320% или за 22,900 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот седумдневен период изнесуваше 54,1929 ден/$ и е за околу 0,205% понизок од курсот на доларот (54,3045 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка.