Рестилизација за Škoda Fabia / ФОТО
Škoda преку својата интернет страна ја покажа обновената Fabia, која својата официјална премиера ќе ја има на Салонот за автомобили во Женева следниот месец
Рестилизиранта Fabia во Европа ќе биде понудена со 3-цилиндерски мотори, во две варијанти – MPI и TSI. Разликата е секако во тоа што првите се атмосферски, а вторите агрегати со турбополнач. MPI агрегатите ќе доаѓаат во две конфигурации на моќност, 44 kW и 55 kW, додека TSI единиците ќе имаат моќност од 70 или 81 kW. Што се однесува до преносот, стандардно моделот ќе доаѓа со 5-степен мануелен менувач, а опционално во понуда ќе биде и автоматски менувач со двојна спојка. Интересно е тоа што во понудата не се споменуваат дизел агрегати, иако е малку веројатно дека ќе дојде до такви драстични промени.
За рестилизираниот модел подготвена е и посовремена технологија. Аларм за возила во „мртвиот“ агол, автоматското исклучување на долгите светла при пресретнување со други возила… Се разбира, во употреба остануваат задната камера и автономната сопирачка, која работи при брзина до 30 km/h.
Визуелно, промените се суптилни, во согласност со веќе традиционалниот пристап кон рестилизациите во целата Volkswagen група. Линиите се поостри, а целиот автомобил добил малку поагресивен изглед. Во салонот се наоѓа централен дисплеј за контрола на инфо-забавниот систем со дијагонала од 6,5 инчи, кој доаѓа стандардно опремен со Apple CarPlay и Android Auto. Опционално, патниците на задната клупа ќе имаат пристап до две USB порти.
Нема најави што се однесува до цената, но ако се суди според некои изјави на челниците на компанијата, рестилизираната Fabia ќе ја задржи истата цена како и досега.