Рестилизација за Kia Stinger
Иако на почетокот од 2017 година, кога моделот се појави на глобалната сцена, светската „цивилна“, но и професионална јавност му предвиде светла иднина, тоа не се случи. За три години колку што атрактивниот модел се нуди на пазарот, само околу четириесет илјади Европејци и Американци решиле да издвојат не баш мала сума на пари за да го купат. Токму од таа причина, се шпекулира и претпоставува дека Корејците би можеле да „кренат раце“ од развојот на втората генерација
Како и да е, некаде на половина од животниот век на една генерација на еден модел, Корејците се решиле со освежување да се обидат да ја „поттурнат“ продажбата на моделот, пред можеби донесување на една таква „тешка“ одлука. Обемот и длабочината на извршените интервенции се прилично скромни, па затоа и неможе да се предвиди иднината на моделот.
Погледот во задните светлосни групи најбрзо открива што е ново кај Stinger. Сега, во согласност со генералниот дизајн на брендот, овде е претставен блок на LED диоди кој се простира по целата ширина на возилото, за разлика од моделот пред рестилизација каде се беше поврзано само за око.
Рестилизирани се и предните фарови, додека задниот браник добил зголемени отвори за воздух и изменет дифузер. Најпрестижната GT верзија ќе може да се пофали со погабаритни завршетоци на издувните цевки.
На понудените фотографии се чини дека е прикажана верзијата наменета за локалниот пазар, што може да се заклучи од ознаката „Е“ на местото на амблемот, па затоа е можно верзиите за Европа и Америка да бидат малку поинакви. Како и да е, пред рестилизацијата, амблемот на Kia беше поставен на петтата врата, додека сега таму е напишано името на моделот.
Корејците во понудата додале два нови комплети на бандажи изработени од лесна легура – 18 или 19 инчи во зависност од желбата и „џебот“ на клиентите. Тука е и опционалниот Dark Package за надворешноста на лифтбекот кој вклучува и повеќе црни детали (просторот за таблиците, дифузер и завршницата на издувните цевки).
Кога станува збор за промените во салонот, архитектурата на кабината останува непроменета, со удобен простор за пет патници, но со низа суптилни визуелни и материјални надградби за полуксузен амбиент. Во зависност од спецификацијата, завршницата на контролната табла и вратите е со ново комбинирање на бои, додека централната конзола е достапна со алуминиум или карбон издание. На сето тоа е додаден и новиот екран на инфозабавниот систем кој е со размер од 10,25 инчи и со акцентиран нов сјаен црн финиш. Ново е и кабинското осветлување со избор од 64 бои за суптилна промена на амбиентот во кабината.
За погонските промени засега нема официјални информации. Според првичните информации, рестилизираниот Stinger ќе има нов турбобензинец со четири цилиндри со ознака 2.5 Т-Gdi кој ќе понуди 304 коњски сили со 422 Nm максимален вртежен момент. Покрај тоа, на клиентите ќе им биде понуден и 3.5 литарски V6 турбобензинец со 380 коњски сили и 530 Nm максимален вртежен момент.
Неизвесната е судбината на 2.2-литарската турбодизел единица (200 КС и 440 Nm) со оглед на што во Америка не се продава, а во Европа се продадени само три илјади единици.
Новиот Kia Stinger во продажба во Кореја влегува во текот на третиот квартал од 2020 година, а на другите пазари веројатно на почетокот од следната година.