Францускиот производител на автомобили Renault најави укинување на до 2.000 инженерски и помошни работни места во матичната земја, како дел од транзицијата кон производството на електрични автомобили

Раководството наскоро ќе започне преговори со синдикатите за новите планови, објави Renault.

Францускиот автомобилски гигант работи со загуба и веќе најави намалување на бројот на работни места во матичната земја за околу 4.600 како дел од драстичното преструктуирање на бизнисот. Нивната цел, како што велат од компанијата, е производство на девет нови модели на автомобили во Франција.

Како и конкуренцијата, така и Renault се обидува да ја зголеми понудата на електрични автомобили, па затоа велат дека ќе ангажираат нови работници во области како што се информатичката наука и хемијата за да стекнат експертиза во производството на батерии.