Групата Renault ќе добие нова организациска единица – Mobilize, која ќе се занимава со електрични автомобили и напредни технологии

Renault Twizy својот животен циклус го започна во 2011 година и оттогаш има повеќе или помалку успешна кариера. Французите тогаш го замислија како возило за урбани услови на експлоатација. Околу 20.000 продадени единици и не е некој особен успех, така што на Mobilize ќе му биде дадена улогата да ги коригира направените грешки и да го направи наследникот многу подобар и поливалентен.

Концептот е тука и е наречен ЕZ-1. Овој автомобил е сличен на сегашниот Twizy, но доволно различен за да го подобри дизајнот и да ги поправи недостатоците на претходникот.

Renault наведува нов деловен план за EZ-1 што ќе се заснова на принципот „плати за употреба“, а ќе се плаќа според времето што ќе се искористи или бројот на изминати километри. Францускиот бренд на промоцијата зборуваше и за достапноста на високо ниво на поврзаност со корисникот кое ќе биде достапно преку паметен телефон.

Mobilize ќе пристапи кон поинаков принцип на полнење на батеријата. Поточно, ќе може да се полнат батериите на класичен начин, но и да се менуваат, за да нема проблеми со времето потребно за полнење на батеријата и со тоа да се овозможи исчезнување на главоболките поврзани со автономијата и полнење на возилото.

Французите исто така истакнуваат дека ЕZ-1 ќе биде изработен со голем удел на рециклирани материјали (дури 50%). Од друга страна, 95% од материјалот што се користи за создавање на EZ-1 ќе се рециклира.

Останува прашањето што ќе се случи со А сегментот кај Renault, односно дали Twingo ќе добие нова генерација. На презентацијата на планот на Лука де Мео до 2025 година не се зборува за нов автомобил во таа класа. Актуелниот Twingo е на сцената од 2014 година, но неговата електрична варијанта на сцената стапи минатата година.