Верзијата E-Tech Electric доаѓа следната година и ќе развива скоро 220 КС

Минатиот октомври, Renault го претстави концептот Megane eVision за време на дигиталниот настан eWays. Тогаш стана јасно дека Французите планираат да воведат целосно електрична верзија на моделот Megane, кој ќе биде првиот сериски автомобил на марката со погон на батерии во производствениот Ц-сегмент и ќе се приклучи на Twingo E-Tech Electric и Zoe, кои се позиционирани во покомпактните ниши.

Сега француската компанија ги објави првите тизер фотографии од новиот електричен автомобил, објавувајќи го и официјалното име – Renault Megane E-Tech Electric. Автомобилот на фотографиите е камуфлиран, но јасно може да се види силуетата и повеќето од линиите. И според она што може да се види, тие ќе бидат прилично слични на карактеристиките на прототипот eVision.

Megane E-Tech Electric ќе биде интересна комбинација помеѓу хечбек, кросовер, па дури и миниван и ќе има зголемено растојание од тлото. Renault потврди дека веќе има изработено 30 предпродукциски прототипови на електричниот автомобил, кои се подготвени да започнат со тестови во јавната патна мрежа на Франција и другите европски земји.

Францускиот производител даде и детали за техничките карактеристики на идниот модел, а звучат импресивно. Електричниот Megane ќе биде изграден на платформата CMF-EV и ќе се напојува од електомотор со максимална моќност од 217 коњски сили (160 kW). Моќноста се очекува да се пренесува на предните тркала.

Тест моделот користи батерија со капацитет од 60 kW/h, што треба да овозможи автономија со едно полнење од 450 километри според циклусот WLTP. Се очекува кога автомобилот ќе биде лансиран на пазарот да има верзии со различен капацитет на батеријата и моќност на моторот. И спомнувајќи го пазарот, најверојатно новиот модел ќе се најде во продажните салони во првата половина на следната година.