Renault Mégane RS Ultime: лимитирана едиција за прослава на носечкиот модел низ историја на Renault Sport / ФОТО
Бројот на примероци од последното издание на најмоќната верзија на Mégane е потсетник на 1976 година, годината во која е основана дивизијата Renault Sport.
Mégane RS Ultime, последниот модел потпишан од одделот Renault Sport (чии активности од неодамна се под капата на француската автомобилска компанија Alpine) е претставен на салонот во Токио, Јапонија, а ќе биде произведен во само 1.976 примероци. Моделот ќе ги замени досегашните верзии – RS и RS Trophy.
Купувачите на последното издание на францускиот спортски автомобил од сегментот Ц ќе можат да избираат помеѓу четири бои на каросеријата (Star црна, Pearl бела, Sirius жолта и Tonic портокалова), а покрај матираните апликации на каросеријата, Mégane RS Ultime доаѓа и со нумерациска плочка на централната конзола (0000/1976) на која е потписот на францускиот тркач Лоран Хургон, кој со Mégane RS Trophy R има постигнато рекорден круг на патеката Нирбургринг Нордшлајфе, Сузука и Спа-Франкошамп во категоријата автомобили со погон на предните тркала.
Црната боја го нашла своето место на рачките, куќиштата на ретровизорите, рамките на стаклата, задниот дифузор и 19-инчните алуминиумски бандажи Fuji со гуми Bridgestone Potenza S007, а меѓу деталите во темната внатрешност се издвојуваат предните седишта Recaro обложени со Alcantara. Стаклениот покрив и „head-up“ дисплејот остануваат единствените елементи за кои треба да доплатите.
Renault на купувачите во Европа ќе им го понуди Mégane RS Ultime само во комбинација со автоматски менувач со две спојки (EDC), а нема никакви промени под предниот капак, па верзијата Ultime се придвижува од 1.8-литарски 4-цилиндерски турбо бензински мотор кој развива 300 коњски сили и 420 Nm максимален вртежен момент.
Продажбата започнува напролет, а вреди да се спомене дека последниот Mégane RS Ultime (кој развива 255 km/h и стигнува за 5,7 секунди од 0 до 100 km/h) со себе носи поцврста Cup суспензија, ограничена механичка блокада на диференцијалот и RS монитор.