Најлегендарниот модел на Renault се враќа со стил

Како што веќе беше најавено, Renault по „петката“ реши да ја оживее и иконската „четворка“. Иако многумина ја доживуваа првата генерација на Kangoo како враќање на Renault 4, вистинската реинкарнација на моделот ќе се случи дури сега.

Поточно на 17 октомври, кога Renault на 89-тиот салон за автомобили во Париз ќе го претстави концептниот модел базиран на оригиналниот R4. Во Renault засега се таинствени, па само откриваат како тимот дизајнери собран под водство на Жил Видал, потпретседател на одделот за дизајн на Renault, го смислил концептниот автомобил.

Со него се одбележува и 25-годишнината од хуманитарното рели 4L Trophy, па велат дека ќе им се допадне и на помладите генерации.

Објавените скици ја откриваат препознатливата силуета на „четворката“ со осветлено задно странично стакло. За разлика од оригиналот, автомобилот сега доаѓа со огромни теренски гуми и носачи на покривот. Судејќи по ова, веројатно се работи за концепт за авантури надвор од патот.

Новиот Renault 5 ќе се појави на пазарот во 2025 година, додека кросовер-ориентираниот R4 најверојатно ќе пристигне после тоа. И додека оригиналот може да се пофали со скромни димензии и слаб, но неуништлив бензински мотор, новиот модел би можел да биде многу покомплексен и помодерен автомобил. Многумина очекуваат автомобил со големина на Duster со електричен погон и релативно висока цена. И веројатно не се далеку од тоа.