Renault го претстави темелно обновеното Clio / ФОТО+ВИДЕО
Renault Clio за прв пат на автомобилскиот пазар се појави во 1990 година, а досега се продадени 16 милиони единици ширум светот. Актуелна е петтата генерација која сега пристигнува во ажурирано револуционерно издание кое одлично ја илустрира стратегијата Nouvelle Vague на Renault
Новиот Clio е дизајниран да го одрази дизајнерскиот пристап на Renault кој ги става луѓето и технологијата во центарот. Новото централно лого на Renault го истакнува целосно обновениот преден дел. Преку новиот редизајн, Renault сака да понуди посовремени, впечатливи и одржливи автомобили за живот и уживање. Новиот препознатлив светлосен потпис, кој во иднина ќе блесне на сите модели на брендот, совршено се вклопува со новиот дизајн и ги одразува неговите клучни карактеристики: прецизност и техничка умешност. Подобрување има и во патничкиот простор: новиот тапацир и новите еко материјали му даваат на новото Clio модерен шмек и значително го подобруваат впечатокот за квалитет и искуство во внатрешноста.
Дизајн
Новото Clio е првиот сериски автомобил создаден во рамките на стратегијата Nouvelle Vague, за што потврда е новиот светлечки потпис на фаровите, моделирани според логото: вертикалните LED дневни светла со формата јасно укажуваат на половина од логото на Renault, истовремено нагласувајќи го живиот и енергичен карактер на предниот дел и зајакнувајќи ја поврзаноста на моделот со имиџот на брендот.
Тенките Full LED фарови, инсталирани во сите верзии, му даваат на автомобилот остар изглед и ја одразуваат прецизноста и техничката умешност. Тие се покомпактни и вклучуваат пет технолошки напредни светлосни снопови (во споредба со претходните три) кои автоматски го прилагодуваат интензитетот на долгото и средното светло.
Новата генерација е достапна во седум елегантни бои на каросеријата: Glacier бела, Star црна, Shale сива, Iron сина, Flame црвена, Valencia портокалова и Rafale сива – нова трислојна боја која изгледа обично од далечина, но блеска одблиску.
Атрактивниот став на новиот модел е нагласен и со впечатливитр бандажи до 17 инчи. Понудата вклучува шест опции за тркала, вклучувајќи четири алуминиумски тркала достапни за различни верзии. Така, верзијата Techno има 16-инчни брусени црни алуминиумски бандажи. Сите бандажи го имаат новото лого на Renault од брусен алуминиум во средината. Куќиштата на ретровизорите на другите верзии се обоени во Star црна боја, исто како и Shark антената кај верзиите Techno и Esprit Alpine.
Без оглед на стилските промени во внатрешноста, Clio ги задржал пропорциите на својот претходник: долг е 4.053 mm, широк 1.988 mm и висок 1.439 mm.
Внатрешност
Пространоста и ергономијата сè уште се главните предности на Cliо. Опремата на новата генерација гарантира подобро корисничко искуство и вклучува голем број поврзани услуги и апликации кои го прават патувањето опуштено и пријатно, како за возачот, така и за патниците.
Седиштата, облогите на вратите и инструмент таблите на верзијата Techno се покриени со специјално развиена одржлива ткаенина со удел од 60 проценти на модални влакна TENCEL – целулозни влакна од биолошки извори произведени од Lenzing Group. Во согласност со стратегијата за елиминирање на јаглеродниот отпечаток, новиот Clio е првиот модел на Renault кој широко ги користи модалните влакна TENCEL. Познати по својата исклучителна мекост, овие влакна се добиваат од обновлив извор – природно дрво кое потекнува од полуприродни европски шуми кои се одржливо управувани и растат без употреба на хемиски ѓубрива или вештачко наводнување и апсорбираат големи количини на јаглерод диоксид.
На контролната табла на новото Cliо има дигитален екран без рамка, кој во зависност од верзијата е со димензии од 7 или 10 инчи. Во зависност од земјата и верзијата, новиот Clio може да биде опремен со радио и системот R&GO или мултимедијалниот систем Renault Easy Link. Логото Nouvel’R на воланот внесува допир на елеганција во кокпитот.
По Austral, првиот модел на Renault понуден во Esprit Alpine верзија, а потоа и новиот Espace, ова спортско, технички напредно и елегантно ниво на опрема сега е достапно и за новото Clio. Комбинирајќи ги препознатливите карактеристики на брендот Alpine со новиот стилски јазик на Renault, верзијата Esprit Alpine вдахнува подинамичен карактер во новото Clio.
Погон
Новото редизајнирано Clio нуди голем број различни погонски единици, вклучувајќи го и технолошки напредниот E-Tech Full Hybrid мотор со 145 КС. Овој мотор обезбедува задоволство од електричното возење во град, а истовремено ја намалува потрошувачката на гориво и емисијата на CO2. На располагање се и бензински, дизел и бензинско-олински мотор со различни нивоа на моќност кои ја заокружуваат оваа сеопфатна понуда.
Асистентот за еко-возење е достапен без оглед на избраниот тип на погон и ги советува возачите како да заштедат гориво и да ги намалат емисиите на CO2.
Full Hybrid технологијата E-Tech, за која се пријавени повеќе од 150 патенти, се заснова на експертизата на Renault во Formula 1 – особено кога станува збор за собирање и обновување енергија. Благодарение на неа, новиот Clio е уште подинамичен и поефикасен. Сериско-паралелната архитектура комбинира два електромотори (главниот електромотор со моќност од 36 kW и високонапонски електричен стартер-генератор со моќност од 18 kW) со 1.6-литарски 4цилиндерски термички мотор со моќност од 69 kW / 94 КС, интелигентен менувач со повеќе режими и батерија од 1,2 kWh.
Новата генерација е достапна и со 3-цилиндерски мотор со турбо полнач TCe 100 LPG. Двогоривниот систем на овој мотор ги подобрува перформансите и ја намалува потрошувачката на гориво и емисиите на CO2 (емисиите на CO2 се за 8% помали во споредба со еквивалентната верзија со бензински мотор). Неговите перформанси се исто така одлични: постигнува максимален вртежен момент од 170 Nm при 2000 вртежи во минута. Со полни два резервоара, Clio може да помине повеќе од 1.000 километри.
Трицилиндерскиот турбо бензински мотор развива моќност од 90 КС и вртежен момент од 160 Nm и е комбиниран со 6-брзински мануелен менувач. Се карактеризира со непречено работење и една од најниските вредности на потрошувачка во својата класа.
Трицилиндерскиот атмосферски мотор 1.0 Sce е идеален за сите оние кои бараат економично решение за градско и приградско возење. Комбиниран е со 5-степен менувач, има 65 КС и вртежен момент од 95 Nm и гарантира непречено возење во урбаните средини.
Дизел моторот со моќност од 100 КС и вртежен момент од 260 Nm е совршен за честа употреба и за потребите на флотните клиенти. Овој штедлив и ефикасен мотор е комбиниран со 6-брзински менувач кој го намалува бројот на вртежи на моторот при брзини повисоки од 110 km/h.