Постоечките сепак ќе бидат ажурирани

Откако се случи скандалот наречен „дизелгејт“ пред неколку години, „нафтата“ полека но сигурно стана непожелен збор во автомобилската индустрија. Популарното гориво и соодветниот тип на мотори уживаа осебна популарност во Европа, особено на Балканот (тука сеуште повеќе се бараат дизели од бензинци). Но тоа веќе не е така. 

Точно е дека дизел моторите емитуваат релативно помалку СО2 во споредба со соодветните бензински мотори, а со новите стандарди за емисија Euro 6D на Стариот континент, емисијата на азотни оксиди е скоро идентична, 0,06 грама на километар кај бензинците и 0,08 кај дизелите. Но, според многумина времето на дизелите неповратно заминува во историјата. Едноставно нема спас.

Многу производители се откажуваат од дизел моторите и ги пренасочуваат буџетите за истражување и развој на електрични погонски единици. Во таа група Lexus, Mitsubishi, Nissan, Volvo и многу други, а сега Renault.

Лука де Мео, првиот човек на француската марка, потврди дека во развој на нова генерација на дизел мотори нема да се вложува, но затоа постоечките dCi единици ќе бидат прилагодени за да се усогласат со применливите еколошки стандарди.

Дали тоа значи дека дизелите на Renault нема да ја дочекаат ерата на Euro 7 останува да покаже времето. Ако се суди според фактот дека продажбата на хибриди и електрични автомобили рапидно расте, нема воопшто да биде изненадувачки доколку истите не ја дочекаат 2025 година.

Она што со сигурност може да се каже е дека Renault постепено ја намалува понудата на дизел модели. Некои од моделите достапни на пазарот веќе не се достапни со ваков тип на мотор, а многу идни нема да имаат дизел ниту како опција. Дури и Dacia, буџетската марка на Renault, го исфрли дизелот во новата генерација модели.