Една од првите е, секако, фактот дека Clio ќе има опција и за електрифициран погон

Renault во својата гама сака да го има еден од најнапредните и најефикасни претставници во автомобилскиот Б сегмент, кога кон крајот на оваа година на пазарот ќе се појави петтата генерација на Clio.

Со опција за електрифициран погон, како и основните функции на автономо возење, новиот модел се очекува на светската јавност да биде прикажан на саемот за автомобили во Париз во октомври, а почетокот на продажбата се очекува во 2019 година.

Во текот на изминатата година и половина, пазарот е преплавен со новини од сегментот на градски автомобили, Ford Fiesta, Volkswagen Polo, Citroen C3… а тоа значи само едно – Clio стана најстариот автомобил во понудата.

Додека повеќето од подобрувањата во новото Clio ќе бидат од оние кои не се гледаат со голо око, промени ќе има и во салонот, но и дизајнот на надворешноста. Новиот Clio, во смисла на дизајнот, ќе биде еволуција на сегашниот модел, а инспирацијата за направените промени, креаторите ја побарале во концептниот Renault Symbioz. Сличностите се видливи како во предните така и задните светлосни групи, што може да се види од ексклузивните фотографии објавени од британскиот Auto Express.

Поголемите промени може да се очекуваат во внатрешноста, каде што патничкиот простор ќе биде подложен на драматична рестилизација, ако може да се верува на шефот на одделот за дизајн во Renault, Лоренс ван дер Екер. Ќе биде поставен значително поголем екран на допир. Веќе видено во рамките на групацијата Renault екранот ќе има вертикална позиција и ќе ги користи најновите технологии за поврзување. Новите материјали, исто така, треба да донесат премиум чувство. Ван дер Екер неодамна изјави дека е свесен дека дизајнерите од тимот на Renault мора да вложат максимален напор, за внатрешноста на возилото на Renault да биде подеднакво допадлива како и надворешноста.

Новото Clio ќе се базира на модифицирана верзија на платформата CMF-B, која ја користи и Nissan Micra, со цел да се намалат трошоците за развој. Ова дополнително значи дека опсегот на бензинските агрегати ќе се прошири, вклучувајќи го и ново развиениот турбо агрегат со волумен од 1,3 литри, потоа ревидираниот 3-цилиндерски турбо агрегат со капацитет од 900 кубика. Имајќи ги предвид актуелните случувања во автомобилската индустрија, како и политичката клима, сосема е неизвесно дали dCi агрегатите ќе се најдат во понудата.

За прв пат ќе се појави и благ хибриден систем, со цел зголемување на ефикасноста и намалување на емисиите на јаглероден диоксид. Овој тип на електрификација е избран поради неговата едноставност и достапност. Од истата причина, идејата за plug-in хибридна верзија за новото Clio е отфрлена.

Уште еден начин за подобра економичност е намалувањето на масата на возилото. Новото Clio ќе користи изобилство на алуминиум во конструкцијата, потенки стаклени површини и поедноставен систем за сопирање.

Clio треба да одигра и значајна улога во преминот на најголемиот француски производител кон електрифицирани и автономни возила. До 2022 година, Renault сака да има осум целосно електрични возила, како и 12 хибридни возила, заедно со инсталирана автономна технологија за возење во дури 15 модели. Компанијата инвестира повеќе од 18 милијарди евра во истражување и развој, што треба да придонесе за развој на овие технологии.

Воведената автономна технологија за возење во Clio, треба да значи дека, на пример, возачот ќе може да ја препушти контролата на брзината на движење, како и управувањето, на самиот автомобил. Сепак, овде законодавството ќе го диктира темпото на воведување на овој тип на новини.

Прототипот на концептот Renault Symbioz, прикажан на минатогодишниот саем во Франкфурт, демонстрираше ниво 4 на автономна функционалност за која во Renault веруваат дека ќе бидат во комерцијална употреба до 2023 година.

Дизајнот на овој автомобил, според шефот на Renault, ќе има силен одраз на идната насока на дизајнот на компанијата.