Renault 4 се враќа на сцената како достапен и практичен електричен автомобил
Се чини дека новата генерација на целосно електрични возила на Renault ќе ги прифати поранешните ѕвезди на брендот, а значката Renault 4 повторно ќе се појави. Одлуката на француската фирма да го врати своето познато име ќе резултира со практичен електричен автомобил во ретро стил, дизајниран да „седи на тронот“ заедно со Renault 5 кој исто така наскоро се враќа на сцената
Renault 4 се произведуваше 31 година, време за кое се продадени повеќе од осум милиони примероци. Дизајниран е како одговор на Citroen 2CV за да обезбеди едноставен, практичен и евтин транспорт на растечкиот број сопственици на автомобили во 1960-тите.
Минатата година Renault со помош на компанијата за мобилност TheArsenale го претстави концептниот автомобил AIR4, создаден за да ја прослави 60-годишнината од лансирањето на „четворката“.
Каросеријата е јасна почит на оригиналниот Renault 4, но со LED фарови и позаоблен изглед. За очекување е дека целосно електричниот сериски автомобил исто така ќе се потпира на класиката, иако можеби не толку колку AIR4.
На веб-страницата на компанијата се откриени и слики од предложениот дизајн на Renault 4, како и нова верзија на логото на Renault со број 4, што дополнително ги зајакнува гласините дека серискиот модел е на пат.
Новиот Renault 4 ќе му се придружи на редизајнираниот Renault 5 во ретро-тематската постава на електрични автомобили на марката и, судејќи според овие патентни слики, ќе задржи многу дизајнерски линии од оригиналниот автомобил, споделувајќи ја формата на класичниот автомобил, тркалезните фарови и исправениот преден дел.
Серискиот Renault 4 се рекламира како дел од истата индустрија како и неговиот легендарен претходник, но со електрична енергија како „погонско гориво“. Исто така, треба да биде попрактично од сегашните „електричари“ на Renault, со голем багажник, намалена кабина и потенцијал за комерцијална варијанта.
Новиот Renault 4 е дел од агресивниот пат кон електрификација. Renault веќе се подготвува да го претстави својот целосно нов, целосно електричен Megane следната година, a најавите се и дека ќе претстави вкупно 10 нови електрични модели до средината на деценијата. Седум од нив ќе бидат Renault, а другите три најверојатно ќе бидат Alpine, бидејќи брендот за спортски автомобили се движи кон целосна електрификација од 2024 година.
Во Renault веруваат дека ќе го имаат најзелениот продажен микс во Европа до средината на оваа деценија, кога над 65 отсто од гамата ќе биде целосно електрична или барем електрифицирана односно до 90 проценти од моделите дека ќе бидат чисто електрични до крајот на третата деценија на овој век.
Извршниот директор на брендот Лука Де Мео неодамна во едно интервју потврди дека идната линија ќе вклучува повеќе модели инспирирани од минатото на брендот, по добро прифатеното лансирање на Renault 5 Prototype.
„Има толку многу производи кои влегоа во историјата, па би било штета да не се поврземе со таа долга историја и традиција.
„Ние не сме тука само за да се погледнеме во ретровизорот, ние сме тука за повторно да ги измислиме работите и мислам дека Renault 5 е добар пример. Многу луѓе ми велат „зошто се занимаваш со ретро дизајн?“ Ова не е ретро дизајн, тоа е само реинвенција на концептот. Имаме многу работи во нашата библиотека што можеме повторно да ги измислиме“.
Кога е лансиран оригиналниот R5, тој својата механика ја има позајмено од R4. Овојпат, очекувањата се улогите да бидат сменети. Претстојниот Renault 4 се очекува да ја користи истата CMF-BEV платформа како и хечбекот за да ги намали трошоците.
Renault навести максимален домет од 400 километри за автомобили кои ја користат платформа CMF-BEV, која е специјално дизајнирана за евтини, мали електрични автомобили и доаѓа со стандарден електричен мотор со 136 коњски сили.
Традиционално, R4 се цени малку пониско од R5, но се очекува Renault да цели кон слични цени за своите ретро близнаци.
Доколку концептот биде добро прифатен, Де Мео би можел да му даде зелено светло на проектот за продажба набргу по дебито на новата „петка“, што значи први испораки кон крајот на 2023 или почетокот на 2024 година.