Рекордно високи цени на горивата во Америка
Барем така велат Американците
За Американците високи цени, а за нас Европјаните, или бар поголем дел, сето ова е смешно, со оглед на цените за литар гориво. Деновиве се забележани највисоките цени во последните седум години, кога цената за галон бензин (3,78 литри) достигна бројка од 3,008 американски долари.
Преведено во наши пари тоа е околку 38,5 денари за литар гориво од најевтиниот бензин, додека оние со поголем број на октани и дизелите, се малку поскапи.
Смешно нели? Особено кога ќе се погледнат цените кај нас. Проблемот е дотолку поголем што Американците доста и паничат во целата ситуација, не толку поради цените, туку всушност затоа што целиот источен брег во моментов се соочува со недостиг на нафта.
Зошто недостиг? Рафинеријата Colonial Pipeline од државата Тексас, која го снабдува со нафта скоро целиот источен брег, доби закани за сајбер напад, па ги прекина своите деловни активности се додека „не помине кризниот период“.
Иако рафинеријата продолжи со работа во средата, се проценува дека ќе треба да поминат неколку недели пред да може да ги надополни заостанатите побарувања. Особено се погодени четири држави во САД, односно Вирџинија, Флорида, Северна Каролина и Џорџија.
Според достапните податоци, околу 65% од бензинските пумпи во Северна Каролина моментално немаат гориво, во случајот на Вирџинија оваа бројка е 44%, а на дното се Јужна Каролина и Џрџија (по 43%). Ова ги натера многу Американци да купуваат големи залихи бензин, исто како што сите натрупаа тоалетна хартија на почетокот од епидемијата.
Пред епидемијата на новиот вирус корона, галон гориво чинеше нешто повеќе од два долари (околу 25 денари за литар), па можете да замислите зошто Американците се незадоволни од релативно нереалното покачување на цените што беше забележано во текот на претходната година.
Сепак, камо среќа и ние да се лутевме за вака „високи“ цени за горивото во Македонија.