Рекордна продажба на електрифицирани автомобили во ЕУ во 2017 година
Минатата година во ЕУ се продадени 852.933 електрични автомобили, што претставува зголемување од 39,7% споредбено со 2016 година
Зголемувањето на продажбата, експертите го оправдуваат со појавата на нови модели, зголемената „демонизација“ на дизелот, како и заканите од лидерите на европските метрополи дека целосно ќе ја забранат употребата на дизел и бензински мотори во урбаните средини.
Сепак, Европејците имаат поголема доверба во хибридите отколку во електричните автомобили. Во 2017 година, 54,8% од електрифицираните автомобили во Европа се хибридни, а 39% целосно електрични. Електрифицираните возила сеуште имаат многу мал удел на пазарот во ЕУ, само 5,7%.
Што се однесува до зголемувањето на бројот на продадени автомобили од овој тип по земји, рекордер е Шпанија, каде што продажбата има раст од 100%, следи Германија со 75%, Велика Британија со 35,6%, Франција 30% …
Во ЕУ минатата година се продадени вкупно 15.7 милиони автомобили, што е рекорд во претходните десет години. Забележан е пад на продажбата на дизел автомобили (-7,9%), но исто така и зголемување на купените бензинци од 10,9%.
Најпродаван автомобил во ЕУ за 2017 година е Volkswagen Golf, а повеќе од половина од овој модел се продадени во Германија и Велика Британија.