Рекордна година за BMW M, но бензинот е во втор план: Најпродаван е електричен модел i4 M50!
Одделот М во 2022 година ја одбележа својата 50-годишнина, што му даде можност да произведе специјални изданија
BMW M GmbH објави дека во 2022 година продале повеќе возила отколку во која било претходна година. Уште повеќе, иднината на брендот изгледа сигурна, бидејќи нејзиниот лидер во продажба е електрично возило.
„Најпродаваниот BMW M автомобил во 2022 година е целосно електричниот BMW i4 M50“, вели Тимо Реш, шеф на одделот за клиенти, бренд и продажба во BMW M GmbH. „За нас ова е јасен сигнал дека уникатното М чувство пристигна во светот на електрифицираните возила“.
Целосно електричниот седан е придвижуван од мотори на предната и задната оска кои заедно произведуваат 544 КС (400 kW). Заедно со големата моќност, М суспензијата е подесена да биде динамична, агилна и прецизна, велат од компанијата. Моделот i4 M50 всушност е оној кој помогнал во водењето на одделот за високи перформанси до најдобрата година досега. BMW M GmbH во 2022 година продал 177.257 возила, што е за 8,4 отсто повеќе отколку во 2021 година.
Одделот М во 2022 година ја одбележа својата 50-годишнина, што му даде можност да произведе специјални изданија. Тоа значеше дека годината беше важна и за неговите возила со внатрешно согорување. Во изминатите 12 месеци, марката го претстави и M2, со шестстепен мануелен менувач, и M3 Touring, кој додава ниво на практичност на легендата.
„Ентузијазмот на заедницата М за емотивно моќни перформанси на патиштата и на тркачката патека нè водеше низ целата година“, вели Францискус ван Мел, претседател на Управниот одбор на BMW M GmbH. „Ова се рефлектира и во новиот продажен рекорд за BMW M автомобилите, што ни дава позитивна перспектива за 2023 година“.
Американците беа најжестоките купувачи на брендот, а ентузијастите во Германија и Обединетото Кралство се на второто и третото место како најревносни купувачи.