Разрешени шпекулациите за возачката постава на Williams за следната сезона

Тоа е ставот на тимот по шпекулациите за неговата позиција и „збрката“ за неговата иднина во тимот. Williams уште во јули објави дека Расел и Николас Латифи ќе бидат задржани во составот на возачите и за 2021 година, иако тоа беше пред промената на сопственоста на тимот.

Возачот на Racing Point, Серхио Перез во последните недели се појави како кандидат за позицијата на Расел, потенцијално донесувајќи и финансиска поддршка за да им помогне на новите сопственици на тимот. Како поткрепа на шпекулациите беше и одбивањето на Симон Робертс од Williams да потврди дека сегашните возачи ќе останат и следната година. Сепак, Робертс пред овонеделната трка за ГН на Емилиа Ромања потврди дека Расел и Латифи ќе останат со Williams и во 2021 година.

„Минатата недела веројатно предизвикав мала конфузија, жал ми е за тоа. Ние навистина не сакавме да ја коментираме позицијата на возачот. Но, како што рече Џорџ, а Клер Вилијамс го објави тоа и претходно оваа година, ништо не е променето“.

 

„Ова е нашиот возачки состав за оваа и следната година. Ние сме многу задоволни од нив и со нетрпение очекуваме да продолжиме да работиме со нив“, изјави Робертс.

Расел минатиот викенд рече дека очекува новите сопственици на Williams да ја разјаснат неговата иднина и дека верува дека најголемиот дел од неизвесноста за неговата иднина ја шири „потесниот кабинет“ на Серхио Перез.