Радикално поинаква: Ова е сосема новата генерација на Hyundai Kona / ФОТО
Новата Kona ќе биде достапна во електрична, хибридна и верзии со мотори со внатрешно согорување, а тука е и варијантата N Line
Hyundai ја претстави новата генерација на моделот Kona, која ја красат многу радикални и футуристички дизајнерски решенија.
Новата Kona ќе биде достапна во четири варијанти, како целосно електрична и хибридна, придвижувана од мотори со внатрешно согорување и како спортска верзија N Line.
Освен големите промени во изгледот кои се видливи на прв поглед – промени има и во големината на автомобилот. Новиот Hyundai Kona пораснал дури 15 cm во должина и ќе биде долг 4.355 mm. Ширината е зголемена за 2,5 cm (претходно 1,8 m), меѓуоскиното растојание за 6 cm (претходно 2,6 m). Како резултат на тоа, Kona бега од сегментот B-SUV и е се поблиску до C-сегментот.
Hyundai сè уште нема објавено информации за тоа кои мотори ќе се наоѓаат под хаубата на новата Kona, но наместо тоа откри дека секоја варијанта визуелно малку ќе се разликува од останатите. На пример, електричната верзија има специјални пикселни уметоци на предните доводи за воздух, задниот браник, како и специјални тркала од 19 инчи.
Варијантата N може да се пофали со црни ретровизори и покрив, спојлер во облик на крила, поагресивен дизајн на предниот и задниот браник, препознатливите 19-инчни алуминиумски тркала, двојните издувни цевки и сребрените странични прагови.
Целиот кокпит е значително поедноставен. Два посебни екрани се комбинираат во еден панел (2 x 12,3 инчи), а остатокот е елегантно дотеран. На пример, класичната рачка за менување на режимот на возење исчезнала и е заменета со лост сместен на воланот.
Подетални информации за новата Kona ќе бидат објавени наскоро.