PSA и Fiat Chrysler и официјално се споија, се роди Stellantis
Fiat Chrysler и PSA и формално воспоставија договор за спојување, создавајќи го Stellantis – четврта по големина автомобилска групација во светот, со примарна цел обезбедување доволно големи финансиски средства за финансирање на транзицијата кон електромобилност и за подобра конкурентност со ривалските групации околу Toyota и Volkswagen.
Целата оваа приказна трае повеќе од една година, за конечно сега италијанско-американските и француските компании да потпишат договор вреден 52 милијарди американски долари. Првите зборови за спојувањето на двете мега компании беа слушнати во октомври 2019 година, кога беше објавено дека вкупниот број испорачани возила на обединетата компанија ќе изнесува 8,1 милиони единици на годишно ниво.
Официјалниот почеток на тргувањето со акциите на Stellantis предводен од сегашниот шеф на групацијата PSA, Карлос Таварез, е закажан за денес на берзите во Милано и Париз, а во Њујорк ќе започне со еден ден задоцнување во однос на европските метрополи.
Сега, целиот фокус на аналитичарите и инвеститорите е свртен кон деталите поврзани со планот Таварез, кој е дизајниран да ги надмине претстојните предизвици, почнувајќи од преголемите производствени капацитети, сè до деградирачката позиција на групацијата на најголемиот пазар во светот, односно Кина.
Првата прес-конференција Карлос Таварез од позицијата главен извршен директор на Stellantis ќе ја одржи во вторник, веднаш по разговорите со претседателот на групацијата, Џон Елкан.
FCA и PSA објавија дека создавањето на Stellantis ќе донесе заштеда на трошоците од пет милијарди евра, без затворање на фабрики, а инвеститорите најверојатно ќе бидат најзаинтересирани за деталите.
Марко Сантино, еден од водечките консултанти на компанијата Oliver Wyman, вели дека Таварез најверојатно наскоро ќе влезе во некоја површна приказна за неговиот акционен план, но дека тој нема да излезе со никакви детали или громогласни најави затоа што пред се е човек од акција, а не муабетчија и човек кој се фали.
Патем, Stellantis, како и сите светски производители, се соочува со потребата да инвестира милијарди евра во годините што доаѓаат. Целта е прилагодување на производството на ерата која несомнено доаѓа – електричната.
Згора на тоа, Stellantis има проблем со исклучително лоша позиција на пазарот во Кина, а познато е дека производните капацитети на мега деловниот субјект се значително повисоки од пазарните потенцијали за пласман на возила.
„Патот пред Stellantis е долг. Не очекувам дека ќе имаме увид во сеопфатниот план оваа година, што ќе му даде и на пазарот време да се навикне на новата ситуација”, вели Сантино.
Мајк Манли, кој ќе биде извршен директор на Stellantis за Северна Америка по позицијата извршен директор во групата FCA, изјави дека очекува дека околу 40% од синергиските ефекти на компанијата ќе произлезат од процесот на спојување на платформите и погонските системи и преку оптимизирање на трошоците за истражување и развој, додека 35% од заштедите ќе бидат генерирани во системот за набавки. Понатамошни 7% пониски трошоци ќе донесат заштеда во продажниот циклус, вклучително и сегментот на општи и административни трошоци.