Прво појавување на новиот Honda Civic / ФОТО+ВИДЕО
Јапонците откриваат само дел од технологијата, но не и моторите за моделот
Honda за прв пат ја претстави новата, 11-та генерација на еден од своите најпопуларни модели – Civic. Презентација се случи на Интернет со помош на стриминг сервисот Twitch, а идејата е да се покаже дека моделот има голем број нови технологии и е наменет за помладата генерација.
Кога станува збор за изгледот изненадувања нема, откако автомобилот беше фотографиран неколку пати за време на тестовите, иако камуфлиран. Завршената работа Honda ја опишува како „тотален редизајн со поспортски и внимателно осмислен стил“, но не открива никакви детали, туку се се сведува на општи формулации.
Сепак, јасно е дека новиот Civic има посилно тело, што ги подобрува карактеристиките на моделот, како и подобра заштита на патниците во салонот во случај на судир со пешаци. Компанијата најавува и помоќни, но поекономични енергетски единици, како и поспортски поставки на шасијата и огромен број нови технологии кои ќе се користат за прв пат во моделот.
Истите вклучуваат целосно дигитална инструмент табла, нов мултимедијален систем со 9-инчен екран на допир, проширен пакет безбедносни системи и асистенција за возачот Honda Sensing, како и подобрени воздушни перничиња.
Треба да се напомене дека прикажаниот автомобил сè уште не е сериска верзија, туку само прототип. Врз основа на традициите на Honda, може да се очекува дека разликите со сериската верзија која ќе се појави на пазарот ќе бидат минимални.
Компанијата првично на пазарот ќе ја пласира лимузинската верзија, која во продажба ќе се најде во пролетта 2021 година. Потоа – во 2022 година, ќе се појави хечбекот, чие производство ќе биде преместено од Велика Британија во САД. Купето е исфрлено од гамата на модели поради малата побарувачка, но затоа спортските модификации – Si и Type R, секако остануваат.