Возачите од Formula 1 не го извозеа првиот слободен тренинг од гран при викендот на Нирбургринг поради лоши временски услови

Најавеното лошо време со врнежи од дожд и ниски температури во Германија се остварува и е причина за откажување на на првиот слободен тренинг. Температурата на воздухот денес на Нирнбургринг беше само 11 степени.

И покрај фактот дека условите се подобриле непосредно пред почетокот на тренингот, водечките луѓе одлучиле дека првиот слободен тренинг нема да се одржи. Тренингот првично беше одложен до 11:30 часот, а потоа за уште половина час. Точно на пладне е донесена одлука за дефинитивно откажување на првиот слободен тренинг.

„Поради маглата, медицинскиот хеликоптер не може да лета до болница“, изјави Мајкл Маси, директор за трки на FIA. „Растојанието по земјен пат е преголемо доколку случајно дојде до незгода. Со оглед на географскиот регион, ваквите работи не се изненадување. Слична ситуација имавме и во Австрија на почетокот од оваа година. Едноставно таква е природата“.

Поради одложениот тренинг, пропадна и можноста да се проследат дебитантските возења на јуниорите на Ferrari, Мик Шумахер и Калум Илот.