Компанијата Porsche ги објави имињата на верзиите на моделот Taycan кои ќе се појават на (американскиот) пазар на крајот од следната година

Основната понуда ќе биде означена како Taycan, а потоа ќе следи Taycan 4S со погон на сите тркала, додека врвот на понудата ќе биде Taycan Turbo.

Одлуката на германскиот производител на електромобилот со многу привлечен изглед да му ја додели ознаката Turbo, секако е невообичаена, но мора да се има разбирање за Porsche, имајќи предвид дека таквиот суфикс секогаш бил користен од страна на тимот од Цуфхаузен за да се истакнат престижните верзии на луксузната марка.

Покрај наведените градации на Taycan, обелоденети се и цените за американскиот пазар, преку онлајн комуникација на надлежните од американската филијала на Porschea со познат американски автомобилски новинар, а кои се сосема слични на цените на Teslа Model S и Model X. Имено, влезниот модел Taycan ќе биде достапен за околу 90.000 американски долари, Тајкан 4S ќе биде поскап за 10%, додека престижниот Taycan Turbo ќе го надминува ценовниот износ од 130.000 долари.

За сега е познато дека Taycan ќе развива околу 600 коњски сили, а до стотка ќе спринта за околу 3,5 секунди. Сè уште не е познато дали попрестижните верзии на Taycan ќе понудат поголема моќ од основниот модел, како што не е познато ниту по што ќе се разликуваат повисоко позиционираните верзии.