Први информации за електричниот Piëch GT – идниот ривал на Porsche 911
Piëch GT е електрично спортско купе, дело на Тони Пих, син на поранешниот шеф на групацијата Volkswagen, Фердинанд Пих, односно правнук на Фердинанд Порше
На автомобилскиот саем во Женева во 2019 година, Piëch Automotive, стартап компанијата основана од Тони Пих, го претстави концептното електрично спортско купе Mark Zero, за сега да стане јасно дека развојот е речиси во завршна фаза. Компанијата објави слики и информации за идниот сериски модел, кој во моментов се нарекува Piech Automotive GT EV. И да, автомобилот е многу сличен со Porsche 911. Но, постојат и разлики, и тоа значајни.
Според досега објавените податоци, Piëch GT е двосед со тежина од 1.800 kg и автономија од околу 500 километри (според WLTP стандардите).
Автомобилот доаѓа со три електрични мотори (секој со по 150 kW / 204 КС), како и батерии од 75 kWh, кои од 0 до 80% од капацитетот, наводно, се полнат за само осум минути. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае 3 секунди, а до 200 km/h – 9 секунди.
Автомобилот е долг 4.432 mm, широк 1.991 mm, висок 1.250 mm и има меѓуоскино растојание од 2.620 mm.
Дел од тимот зад развојот на швајцарскиот електричен суперавтомобил е Клаус Шмид – поранешен шеф на М-дивизијата на BMW, а под негово водство планирано е да се направат неколку серии на прототипови во текот на 2022 и 2023 година, додека сериското производство треба да започне во текот на 2024 година (цената ќе биде објавена во наредните месеци). Се најавуваат 1.200 примероци годишно, а освен во Европа, продажба ќе има и во Кина и Америка.