Renault ги откри првите детали во врска со идното електрично издание на Megane

Автомобилот со кој официјално треба да започне новата ера во богатата историја на француската марка е пред својата премиера. Француските новинари се уверени дека премиерата ќе се одржи во следните неколку недели, додека продажбата треба да започне во првиот квартал од следната година.

За почеток, може да се види изгледот на задниот крај на возилото. Без големи изненадувања, тука се наоѓа многу широка светлосна групација поврзана со LED лента, додека во средината е поставено новото лого на Renault кое своето деби ќе го има токму на EV-варијантата на Megane. Подолу стои името Megane со посебно нагласен буква „е“ која е златна, која треба да означува дека станува збор за електрично возило.

Директорот на дизајн на францускиот производител, Жил Видал, на јавноста на увид и дава и контури од ентериерот. Секако, дигитализацијата е сè уште клучен збор кога станува збор за уредување на салонот на новиот електричен Megane. Пред возачот ќе има два дисплеја, едниот во улога на инструмент табла, додека другиот служи за контрола на инфо-забавниот систем. Говорејќи за инфо-забавниот систем, треба да се напомене дека Megane ќе биде првото Renault кое ќе користи технологија на Google во оваа област.

На долниот дел од централната конзола, ќе има простор за складирање на мали предмети, и држачи за чаши, а над тоа се наоѓа интересна мала „тераса“. Наменета е како место каде може да се остави и безжично да се полни мобилен телефон.

Renault сè уште молчи за техничките спецификации на овој автомобил, но нема сомнение дека ќе дознаеме наскоро, бидејќи ако им се верува на француските колеги, премиерата на електричниот Megane ќе се одржи до крајот на мај.