Први детали за новиот Passat: еден модел за сите пазари
Следната генерација на Passat ќе биде унифицирана за сите светски пазари
Со произведени над 30 милиони единици, VW Passat е еден од најважните модели во историјата на германскиот гигант. Ако ги прашате во Volkswagen, ќе ви речат дека тоа е најпродаваниот седан од средна класа на сите времиња.
Денес овој модес се прави во дури 10 фабрики на три континенти и се продава во над 100 земји низ целиот свет. Во моментов, некои верзии на големите светски пазари значително се разликуваат, така што, на пример, европскиот Passat користи механичка платформа MQB, додека оној кој се произведува во САД за северноамериканскиот пазар се базира на платформата PQ46 стара повеќе од 15 години.
Но, според пишувањето на угледниот Autocar, тоа ќе се промени со следната генерација на Passat, која е во подготовка. Овој извор наведува дека новиот Passat B9 ќе ја користи унапредената MQB платформа и ќе биде унифициран за сите светски пазари.
Покрај тоа, Passat повеќе нема да се прави во Германија, во Емден, каде сега се склопуваат седан и караван верзиите. Наместо во матичната земја, новиот Passat ќе се склопува во соседна Чешка, во фабриката на Škoda во Квазини, заедно со Superb.
Од Autocar наведуваат дека новата генерација ќе има поголемо меѓуоскино растојание од сегашната верзија, што ќе обезбеди повеќе простор за нозете на патниците од задните седишта.
Производството продолжува како за седна, така и за караван и AllTrack верзијата.