Протекоа првите слики на интернет од моделот Baby Bronco на Ford
Американскиот производител на автомобили Ford неодамна во Лас Вегас одржа голем состанок со сопствениците на салони, за време на кој на дилерите им е покажан правецот во кој се движи компанијата и кои модели може да очекуваат во наредните години
Меѓу нив, наводно, се и новата генерација на Explorer со погон на задните тркала, потоа следната итерација на моделот Escape / Kuga и Mustang Shelby GT500 која ќе дебитира за неколку недели.
Вниманието на публиката, сепак, најмногу го привлекло новиот кросовер на компанијата, засега познат како Baby Bronco. Имено, производителот во 2020 година ќе го лансира новиот кросовер модел Bronco како конкурент на Jeep Wrangler, додека помал кросовер со засега непознато име (од медиумите наречен Baby Bronco) ќе биде во иста класа со Jeep Renegade, Subaru XV и слични модели.
Ова значи дека ќе поседува солидни теренски перформанси, иако од Ford не очекуваат купувачите често да слегуваат од асфалтот. Baby Bronco, позајмил многу дизајнерски линии од оригиналниот Bronco, кој се произведувал од 1966 до 1977 година, особено во однос на маската на ладилникот и предните светлосни групи.
Ford најави дека пет од осум кросовери и SUV модели на компанијата ќе имаат хибриден погон, а овој модел треба да биде токму таков. Платформата и повеќето од механиката ќе бидат споделени со моделот Escape / Kuga, а тие се веќе базирани на Focus.
Baby Bronco треба да дебитира следната година како модел за 2020 година, а претпоставките за почетната цена се околу 25.000 долари.