Project24 е верзија на MC20 наменета исклучиво за тркачки патеки

Maserati преку компјутерки генерирани слики го најави својот нов Project24, верзија на MC20 наменета исклучиво за тркачки патеки. Од овој ултра брз автомобил компанијата ќе произведе само 62 примероци.

Атрактивниот Project24 ќе го придвижува 3-литарски Nettuno V6 мотор кој ќе развива 750 КС со помош на два турбо полначи. Тоа е 120 КС повеќе отколку кај патниот MC20. Автомобилот ќе добие и 6-степен секвенцијален менувач и механичка блокада на диференцијалот со ограничено пролизгување, додека моделот за патишта има 8-степен менувач со двојна спојка.

За поголеми брзини во свиоците на патеката, автомобилот добил амортизери кои може да се прилагодат и модифицирана суспензија, а за подобро запирање има Brembo керамички сопирачки. Тркалата се 18 инчи.

Каросеријата е променета за да се направи болидот што е можно побрз на патека. Така, автомобилот нема класични светла, а на „хаубата“ има огромен отвор за поефикасно насочување на воздухот по каросеријата. Предниот сплитер и огромниот заден спојлер може да се прилагодат. Исто така, издувните цевки се подигнати повисоко за да може дифузорот да биде поголем.

Maserati тврди дека Project24 тежи само 1.250 килограми, што е за 250 kg помалку од патниот автомобил. Внатрешноста е максимално соголена, а во неа има вграден заштитен кафез и систем за гасење пожар. Седиштето има тркачки појас со шест точки, а пред возачот е мултифункционален спортски волан направен од карбонски влакна. Автомобилот е опремен со тркачки ABS систем и контрола на пролизгување.

За да не е сè целосно спартански, списокот на дополнителна опрема вклучува: совозачко седиште, камера за рикверц, систем за телеметрија, камера за снимање и систем за следење на притисокот во гумите.

Maserati се уште не објавил колку ќе чини автомобилот и кога ќе излезе на пазарот, но се знае дека клиентите ќе добијат пристап до ексклузивни настани на тркачките патеки.