Производството на Teslа Cybertruck одложено за 2022 година
Производството на Cybertruck е одложено за 2022 година, барем така е наведено на страницата за нарачки на американската компанија Tesla
На страницата за нарачки се наведува дека „конфигурацијата ќе може да се комплетира во 2022 година, бидејќи се ближи производството“. Ова се однесува на верзиите на електричниот пикап со еден, два и три мотори.
Доцнењето не е големо изненадување за оние кои внимателно ги следат информациите поврзани со Tesla и Cybertruck. Директорот на компанијата, Илон Маск, го претстави пикапот во 2019 година, а планот беше производството да започне на крајот од 2021 година. Исто така, во јануари оваа година, Маск рече дека очекува да испорача неколку единици од Cybertruck до крајот на годината, а неговото масовно производство да започне во 2022 година.
Минатиот месец, потпретседателот на Тesla, Ларс Морави изјави дека Cybertruck „е во фаза на завршен основен инженеринг на архитектурата на возилото“ и дека „Cybertruck влегува во бета фаза подоцна оваа година“.