Продолжува растот на цените на горивата! Од утре дизелот со значително повисока цена
Со новата одлука на РКЕ се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,31% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија од 22.08.2022 година
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС, не се менуваат, односно остануваат на исто ниво како што биле утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 22.08.2022 година и со тоа, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 89,00 ден/лит, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 91,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 51,686 ден/кг.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемуваат за 3,00 ден/лит, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 22.08.2022 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), изнесува 96,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), изнесува 93,00 ден/лит.
Во образложението на одлуката стои:
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 0,719% или за 6,650 $/тон, кај дизелот зголемување во просек за 3,631% или за 38,250 $/тон, кај екстра лесното масло зголемување во просек за 3,658% или за 36,250$/тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 0,553% или за 3,250 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 60,8551 ден/$ и е за околу 0,843 % повисок од курсот на доларот (60,3464 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка.