BMW го претстави своето ново засилување во хибридната гама

Станува збор за plug-in хибридна „тројка“, која во актуелната генерација на сцената е од пред една година. Како стојат работите во пракса останува да се види, а од BMW ветуваат ефикасност и одлични перформанси. 

Хибридниот седан располага со вкупно 252 КС, но користејќи ја технологијата која германскиот бренд ја нарекува XtraBoost, автомобилот може да добие дополнителни 40 КС на 10 секунди, со што бројот на „коњите“ достигнува до 292. Хибридната комбинација ја сочинуваат турбо 4-цилиндерски бензинец со зафатнина од два литри и еден електричен мотор.

BMW наведува дека хибридната Серија 3 до 100 km/h може да забрза за само 5,9 секунди. Но, за оние на кои перформансите не им се во прв план, производителот од Минхен нуди ефикасност. Новиот хибрид на баварскиот бренд е во состојба да патува помеѓу 59 и 66 километри само на електрична енергија, при што може да забрза и до 140 km/h.

Кога станува збор за потрошувачката, официјалните податоци на Баварците велат дека хибридната „тројка“ троши 1,6 до 1,9 литри бензин на 100 километри.

Поставувањето на батеријата одзело сосема мал простор од багажникот, кој сега има волумен од 375 литри, но BMW веќе објави дека ќе пласира и караванска верзија на овој хибриден модел веќе следната година.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1TNFWYwqmkgH0ZDjGy9CG8_kF8XFPPF8e” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Цените сè уште не се објавени.