Citroen ги објави првите фотографии и техничките детали за рестилизираниот C3

Францускиот производител го рестилизирал предниот дел на возилото, кое сега има нови LED светла, но и различен браник и решетка на ладилникот, чија лајсна е визуелно поврзана со дневните LED светла.

Променет е и дизајнот на страничните заштитни лајсни на вратите (т.н. airbumps), додека разликите во задниот дел на возилото се скоро незабележливи.

На купувачите опционално ќе им бидат достапни 17-инчни алуминиумски фелни, а опциите за персонализација се проширени од 36 на 97 комбинации.

Особено се истакнува дизајнерското решение на кровниот панел, кој е достапен во 4 бои, со 3 дополнителни графички опции за централниот дел на покривот. Купувачите исто така можат да изберат една од 7-те понудени бои на надворешноста на автомобилот.

Внатрешноста исто така претрпела некои измени, со воведување на поквалитетни материјали кои се меки на допир, велат од францускиот производител. Седиштата се надградени, слично на моделите C4 Cactus и C5 Aircross, така што возењето сега треба да е поудобно.

Мултимедијалниот систем се контролира преку 7-инчен екран на допир, како и со гласовни команди, а тука се и функциите за поврзување со паметните телефони: Mirror Screen со Apple CarPlay и Android Auto.

Моторизацијата вклучува 3-цилиндерски 1.2-литарски бензинец Puretech со 82 и 110 КС, како и 4-цилиндерски 1.5-литарски BlueHDi со 100 „коњи“.

Покрај мануелниот менувач, клиентите можат да нарачаат и опционален 6-степен автоматик за сите модели, освен базниот бензинец.