Брендот Polestar одржа официјална промоција на својот трет и воедно најголем модел во гамата. Станува збор за Polestar 3, електричен спортски теренец чие производство ќе започне следната година.

Нивниот прв модел е купето Polestar 1 со plug-in хибриден погон, додека вториот е целосно електричниот Polestar 2, лифтбек изграден на CMA платформата.

Теренецот Polestar 3 ќе се произведува прво во Кина, а потоа во фабриката на Volvo во Јужна Каролина, САД (од 2024 година).

Polestar 3 е поставен на нова платформа (на која ќе се базира наследникот на Volvo XC90) со меѓуоскино растојание од 2.985 mm, тркала од 21 или 22 инчи, воздушно потпирање, активни амортизери и Pilot Assist систем за (полу) автономно возење, со најава дека внатрешноста (за пет патници) има минималистички дизајн.

Ова е и првиот модел на Polestar со NVIDIA DRIVE компјутер за системите за помош на возачот, а има централен екран од 14,5 инчи, панорамски покрив, Head-up дисплеј и аудио систем Bowers & Wilkins со 25 звучници.

Следната пролет, Pilot Pack со LiDAR ќе се приклучи на списокот со опции, а неговата дополнителна контролна единица NVIDIA, три камери и четири ултразвучни сензори кои обезбедуваат поцелосно и попрецизно скенирање на околината на автомобилот го прават подготвен за понапредно автономно возење.

Возилото има два електромотори со вкупно 360 kW/489 КС и 840 Nm вртежен момент, а до 100 km/h забрзува за 5 секунди. Меѓутоа, со опционалниот Power Pack, моќноста е 380 kW/517 КС и 910 Nm, додека забрзувањето до 100 овде е намалено на 4,7 секунди.

Што се однесува до досегот, Polestar 3 може да помине до 610 km со едно полнење на литиум-јонските батерии од 111 kWh.

Основната верзија на Polestar 3 на европскиот пазар ќе чини 89.900 евра.

Компанијата веќе некое време најавува и други новитети, па во 2023 година ќе ги видиме Polestar 4 (најавен како „спортски Coupe-SUV“, ривал на Porsche Macan EV), како и Polestar 5, кој ќе биде претставен во 2024 година, како конкурент на моделот Tesla Model S и Porsche Taycan.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

Планот е да се зголеми продажбата на 290.000 единици годишно до 2025 година.