Сериската верзија која доаѓа во 2024 година, ќе изгледа речиси исто како штотуку претставената студија Scénic Vision, која ја користи платформата на новиот, електричен Mégane E-Tech

Што е прво воочливо? Па веќе не е миниван, а личи по многу нешта на Mégane E-Tech. Само еден број поголем. Во споредба со новиот, исклучиво електричен Mégane, Scenic се протега на дополнителни 28 сантиметри во должина (4,49 метри), но и значителни 12 cm во ширина (1,90 метри) или 9 cm во висина (1,59 метри). Ќе речеме дека изгледа уште поспектакуларно, пред се благодарение на острите линии, но и тесните LED светла и светлечкиот нов заштитен знак NouvelR, рамниот преден капак на кој речиси се надоврзува ветробранско стакло, камерите наместо надворешните ретровизори, тркалата од 21 инчи со аеродинамични капаци чии отвори се затвораат при брзина од над 10 km/h…

Најинтересно, веројатно и добро е што серискиот модел во 2024 година ќе ги задржи речиси сите линии на студијата, освен светлечките заштитни знаци и бројот на преголеми тркала (20 инчи во сериската верзија). Погонот ќе биде на предните тркала како кај електричниот Mégane E-Tech.

Подеднакво спектакуларен е ентериерот со воланот како кај авионите, односно кај новите Tesla Model S Plaid и Lexus RZ, десетината минијатурни екрани (виџети) разместени лево и десно од воланот, како и футуристичките седишта со вградени микрофони и звучници во наслоните за глава. Предност? Секој во автомобилот може да ја слуша својата музика, а сепак секој може да разговара еден со друг. 

И остатокот од внатрешноста е хај-тек – од екранот од крај до крај на кокпитот кој го покажува просторот директно пред предните тркала и на тој начин го проширува видното поле за дури 6,7 степени, до новата генерација на воздушни перничиња кои наместо во управувачот се вградени во седиштето и кои во случај на несреќа го „обвиваат“ телото на возачот и патникот (во фаза на развој и нема да пристигнат пред 2028 година).

Простор во внатрешноста има и благодарение на електричната платформа CMF-EV и големото меѓуоскино растојание од 2,84 метри, па вистинска штета е што серискиот автомобил ќе има средишен кровен носач и обични, а не т.н. „suicide“ врати, кои се отвораат една од друга како на плакар. За жал, и на ова ќе мора да почекаме барем до 2028 година.

Зборувајќи за безбедноста, вреди да се спомене и новата генерација на асистенти – Safety Score го следи возењето (забрзување, невнимание, почитување на ограничувањата на брзината…) и на крајот од секое возење му открива на возачот во што греши, Safety Coach користи податоци од сите достапни извори (камери, радар и навигација) и го предупредува возачот за опасност, а Safe Guardian го наведува возачот да усвојува здрави возачки навики, а во случај на непосредна опасност ги презема работите во свои раце, па дури и известува за несреќата до службите за итни случаи.

Scénic Vision е хибрид. Го придвижува моќен електричен мотор од 218 КС од новиот електричен Mégane E-Tech, кој енергијата ја црпи од батерија од 40 kWh, но и горивни ќелии од 20 КС, кои на подолги патувања работат како т.н. продолжувач на опсегот (range extender). Не ги придвижува тркалата, туку само ја полни батеријата, како кај BMW i3.

На пократки растојанија вози исклучиво на струја, а на подолги патеки користи горивни ќелии за да го прошири опсегот. Кога мрежата на станици за полнење на водород ќе биде доволно развиена за десетина години, ќе можете да поминете дури 800 километри без долго застанување за полнење на батеријата. Ќе биде доволно само пет минутно застанување на станица за полнење водород. Електричниот мотор – исто како и помалите горивни ќелии – е поставен одзади, за напред да се ослободи простор за резервоар со водород од 2,5 килограми.

На водородот ќе треба да се почека барем до 2028 година, а од 2024 година серискиот автомобил ќе го придвижува електричен мотор од 218 КС од Mégane E-Tech сместен напред.

Renault сака да биде јаглеродно-неутрална компанија во Европа до 2040 година и во светот до 2050 година. Scenic Vision се стреми да има 75 проценти помала јаглеродна трага од обичен електричен автомобил, како Renault Zoe или Tesla Model 3, па не е ни чудо што 95 проценти од автомобилот, вклучувајќи ја и батеријата, може да се рециклира.

Сунѓерот, ткаенините и шевовите на седиштата се направени, на пример, од истиот материјал и лесно се одвојуваат од металните рамки, што го олеснува рециклирањето. И не содржат пигменти. Куќиштето на батеријата, седиштата, конзолата, кокпитот и вратите се целосно изработени од рециклиран алуминиум, а рециклирани се и карбонските влакна за поединечни делови од телото, како и резервоарот за водород. Нема ни трага од кожа, а подот е направен од мешавина од рециклирани шишиња за млеко и пластични цевки.