Премиера за Alpina D3 S – дизел со 355 „коњи“ / ФОТО
Базиран на BMW M340d, Alpina D3 S е најблиското нешто до дизлскиот M3
По бензинската верзија B3, Alpina претстави и дизел варијанта од новата BMW Серија 3 – Alpina D3 S, базиран на BMW M340d, кој под хаубата крие 3.0-литарска единица со шест цилиндри.
Фабричките спецификации на погонската единица се унапредени, така што Alpina D3 S има 355 КС, што е за 15 коњски сили повеќе од „обичниот“ M340d. Максималната моќност на засилениот мотор е достапна во опсег од 4.000-4.200 вртежи во минута. Максималниот вртежен момент е зголемен за 30 Nm, така што возачот може да смета на 730 Nm при 1.750-2.750 вртежи во минута.
Интересно е што за прв пат, една BMW Alpina нуди таканаречен „благ хибриден погон“ кој испорачува дополнителни 11 „коњи“ (8 kW) кога тоа е потребно. Погонскиот систем е споен со 8-степен автоматски ZF менувач, а моќноста на сите 4 тркала се пренесува преку технологијата на BMW – xDrive. Интервенцијата на Alpina се однесува на прилагодување на системот за истиот моќта доминантно се испраќа на задната оска, што секако ќе им се допадне на големите BMW фанови.
Во однос на перформансите, седанот од 0-100 km/h стигнува за 4,6 секунди, а караванската верзија, Alpina D3 S Touring, за 4,8 секунди. Максималната брзина на првиот е 273 km/h, додека на вториот е 270 km/h.
Ако овие бројки се споредат со стандардниот BMW M340d, може да се види дека Alpina до стотка не стигнува побрзо, но затоа максималната брзина е зголемена за 23 km/h кај седанот, односно 20 km/h кај караванот.
Alpina D3 S е опремен со специјална суспензија Alpina Sport, која ја има и во бензинската В3 верзија.
Нарачките за Alpina D3 S се започнати, а купувачите ќе треба да потрошат 70.500 евра за седанот и 71.900 евра за караванот. Станува збор за почетната цена на овие модели за германскиот пазар.