Премиера на уште еден перформантен „електричар“: Mercedes AMG-EQE / ФОТО+ВИДЕО
Пред нас е уште еден моќен електричен автомобил со значката на трикраката ѕвезда
Германскиот бренд почна да го електрифицира AMG одделот. Овој процес го започна со попрестижниот AMG EQS, за сега светлото на денот да го види и EQE, електричниот пандан на E-класата, во две изданија.
AMG EQE 43 4Matic користи два електрични мотори кои ги придвижуваат сите четири тркала. Возачот на располагање има вкупно 476 КС и 858 Nm. Преведено во перформанси, овој модел до 100 km/h стигнува за 4,2 секунди, а потоа и до максимални 210 km/h. Електричните мотори се напојуваат од батерија со капацитет од 90,6 kWh.
Досегот треба да биде некаде помеѓу 462 и 533 km според протоколот WLTP. Кога станува збор за полнење на батеријата, овој модел може да користи брзи полначи до 170 kW, што му овозможува да обезбеди уште 180 километри автономија за 15 минути полнење.
Иако овој модел нуди сериозни перформанси, AMG EQE 53 оти чекор понатаму во овој поглед. Исто така користи два електромотори, но испорачува дури 626 КС и 950 Nm, што му овозможува спринт до „стотка“ за само 3,5 секунди и максимална брзина од 220 km/h. Но, ваквите перформанси прилично ја „стискаат“ батеријата. Така, помоќната варијанта има проценет опсег од 444 до 518 km.
Доколку таквите забрзувања се недоволни за потенцијалните купувачи, Mercedeѕ одлучил да го понуди пакетот AMG Dynamic Plus, кој ја зголемува моќноста на 687 КС и мамутски 1.000 Nm. Со овој пакет, забрзувањето до 100 km/h се завршува за 3,3 секунди, а максималната брзина може да се достигне со 240 km/h.
Mercedes сакал перформантните верзии EQE и понатаму да имаат филигранска суспензија, па тие се достапни и со адаптивна воздушна суспензија и специјализирани Michelin Pilot Sport EV гуми, специјално дизајнирани за електрични возила со високи перформанси.
Германците воедно наведуваат дека е можно и управување на задните тркала, за подобро маневрирање. Тие можат да се свртат до максимални 3,6 степени до брзина од 60 km/h. При помали брзини тие се вртат во спротивна насока од предните тркала и на тој начин овозможуваат полесно маневрирање во тесен простор.
Во однос на дизајнот, Mercedes не претстави ништо ново ниту пак овој модел на AMG е нешто особено поразличен од обичната верзија. Сето ова е очекувано, со критики дека Германците можеле да направат појасна дистинкција меѓу двата автомобила. Уште повеќе, има многу кои го оценуваат овој AMG-EQE како грд модел, но естетиката многу често е прашање на вкус.
Интересно е тоа што дури и верзиите AMG немаат право на поставување на Hyperscreen дисплеј во внатрешноста како дел од стандардната опрема, па за тоа ќе треба сериозна доплата. Засега нема информации кога овој модела на Mercedes ќе пристигне во салоните, а мистерија е и цената.
ФОТО ГАЛЕРИЈА
[useyourdrive dir=”1NqHU3Ix6QAkmfZr_8k3sDMuaoY8p3e0p” maxheight=”70%” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]