Иако изгледот е сосема нов, втората генерација на S-Cross всушност ја задржува големината, моторите и добрата доза на сестраност

Suzuki конечно се враќа во центарот на вниманието во SUV сегментот со новиот модел. Станува збор за S-Cross кој добил сериозен редизајн и е сеопфатно подобрен. Станува збор за модел кој го знаеме од 2013 година, кој првиот редизајн го доживеа во 2016 година. Иако изгледот е сосема нов, втората генерација на S-Cross всушност ги задржува димензиите, моторите и добрата доза на сестраност како и неговиот претходник.

Самиот изглед е помодерен, позрел и посериозен во одност на моделот од претходната генерација, а целта на дизајнерите на Suzuki била да ги направат пропорциите „помускулести“ со поголем преден дел и повпечатлив заден дел. Но, и покрај промените, димензиите се идентични со претходниот модел: должина 4,30 метри, широчина 1,79 метри и висина 1,58 метри.

Напред, наоѓаме нова решетка со хромирани и сјајни црни детали, хромирана влошка и LED фарови изведени во три елементи, додека каросериските елементи за заштитата на подвозјето јасно покажуваат дека ова Suzuki може да се симне и надвот од асфалтот. Назад наоѓаме големи светла поврзани со темна лента, а тука е малиот спојлер и темниот робусен браник. Зад петтата врата се наоѓа багажник со капацитет од 430 литри.

Внатрешноста на Suzuki е класична без дизајнерски „испади“, а во центарот на пилотската кабина е 9-инчен екран на допир за контрола на инфо-забавниот систем кој нуди безжично поврзување со Apple CarPlay и Android Auto и можност за преглед со камерата од 360°, како и многу информации за автомобилот. Опционалниот лизгачки панорамски покрив S-Cross создава воздушен амбиент, додека кожните седишта на листата на опции ја дополнуваат стандардната опрема.

Системот за погон на сите тркала AllGrip Select може да се контролира со практичниот прекинувач кој ви е „при рака“ што ви овозможува да го изберете најсоодветниот режим на возење во сите услови на патот. Безбедносната опрема вклучува прилагодлив темпомат со функцијата Stop & Go, задржување на сообраќајната лента, следење на мртвата точка и предупредување за сообраќајот зад возилото при возење во рикверц.

Под капакот за моторот се наѓа докажаниот 1.4-литарски турбо бензински мотор со 129 КС во комбинација со благ 48V хибриден систем со интегриран стартер генератор, познат од неговите претходници, како и од Vitara и Swift Sport. Турбо моторот со директно вбризгување испорачува максимум 235 Nm вртежен момент помеѓу 2000 и 3000/мин. Моќта се пренесува на сите тркала преку 6-брзински мануелен менувач, а како опција е достапен и 6-брзински автоматски менувач.

Во втората половина на 2022 година, погонската гама ќе биде проширена со нова целосно хибридна верзија.