Преговорите во тек: Renault наскоро ќе одлучи за иднината на бизнисот во Русија / ВИДЕО
„Таму работиме 10 години и тука сме да го заштитиме нашиот имот и она што досега го направивме“, вели Лука де Мео, првиот човек на Renault
Renault наскоро ќе одлучи за иднината на својот бизнис во Русија поради тековната војна во Украина. Зборувајќи со претставници на медиумите на конференцијата FT Future of the Car 2022, извршниот директор на Renault, Лука де Мео, потврди дека допрва треба да се донесе конечната одлука, пренесува Reuters.
„Преговорите се уште се во тек“, вели Де Мео. „Но, ние исто така знаеме дека работиме 10 години инвестирајќи многу пари таму и тука сме да го заштитиме нашиот имот и она што сме го направиле“.
Францускиот производител на автомобили се најде на удар на критики од почетокот на војната поради значителното присуство на рускиот пазар. Всушност, Renault поседува мнозински удел од 67,61 отсто во Lada Auto Holding, кој е сопственик на најголемиот руски производител на автомобили AutoVAZ. Renault потроши многу време размислувајќи дали да го напушти рускиот пазар или не.
Кон крајот на април, имаше извештаи дека Renault преговара за продажба на својот удел во Lada Auto Holding на рускиот државен истражувачки институт по цена од само 1 рубља. Иако овој трансфер допрва треба да биде финализиран, се тврди дека Renault ќе има опција да го откупи во рок од пет или шест години, иако цената на тоа ќе варира во зависност од инвестициите на Русија во наредните години.
Исто така, се наведува дека уделот на Renault во неговата фабрика во Москва може да биде префрлен на локалната власт.
„Нашите планови не се да купуваме, или уште повеќе национализација“, изјави рускиот министер за трговија Денис Мантуров за Financial Times минатиот месец. „Но, ако компанијата нема можност да обезбедува компоненти, не можеме да чекаме вечно. Ќе мора да најдеме алтернатива… Ова ќе важи за сите производители на автомобили кои ќе одвојат време да донесат одлука“.