Најмалиот член во гамата на „теренци“ на корејската марка сè уште официјално не пристигнал во салоните, но цените за германскиот пазар се познати

Моделот Bayon ќе биде најевтиниот SUV модел на Hyundai, бидејќи неговата стартна цена во Германија ќе изнесува 16.790 евра. Hyundai ќе понуди четири пакети на опрема – Pure, Select, Trend и Prime. Воведната варијанта е Pure и нуди мануелен клима уред, потоа напредни безбедносни системи како што се AEB, детекција на пешаци и велосипедисти, а тука се и дигиталното радио и блутут врската. Во основна верзија, Bayon користи 1.2-литарски атмосферски 4-цилиндерски бензинец кој испорачува 84 КС.

Пакетот на опрема Select има почетна цена од 18.790 евра за споменатата атмосферска единица, а ќе се нуди и турбо мотор со три цилиндри со моќност од 100 КС, но за тоа е потребно да се издвојат уште 1.200 евра. На списокот опрема се уште 16-инчни алуминиумски тркала, кожен волан и рачка на менувачот, електрични задни стакла.

За пакетот опрема кој Hyundai го нарекува Trend во Германија, потребно е да се издвојат 21.490 евра. Овој Bayon користи 1.0 T-GDI мотор со 100 КС. Оваа варијанта има 8-инчен екран наменет за контрола на инфо-забавниот систем, потоа 10,25-инчен дигитална инструмент табла, камера за возење во рикверц, USB приклучоци и 17-инчни алуминиумски тркала.

Bayon е најдобро опремен во Prime пакетот чија почетна цена е 24.290 евра, а најскапото издание на корејскиот теренец во Германија чини 26.590 евра. Списокот со опрема на Prime вклучува автоматска клима, LED светлосни групи напред и назад, безклучно влегување и стартување на автомобилот, сензори за дожд и сензори за паркирање…

Моторната гама во суштина се состои од две погонски единици – стариот, но докажан атмосферски 1.2-литарски бензинец со 84 КС, како и 1.0 T-GDI, однсоно 3-цилиндерски турбо во две конфигурации – со 100 и 120 КС. Вториот доаѓа стандардно со лесен хибриден систем. Базниот мотор е спарен со 5-степен мануелен менувач, додека шест-брзински мануелен менувач и седум-степен автоматик се предвидени за помоќниот 3-цилиндерски мотор.