Интересен ден во Европскиот парламент

Европратениците во Комитетот за животна средина на Европскиот парламент го поддржаа планот на ЕУ за забрана на продажба на нови бензински и дизел автомобили од 2035 година, но гласаа против предлогот за радикално намалување на емисиите на CO2 во оваа деценија. Комитетот не го поддржа предлогот на некои законодавци да се оди подалеку од она што беше предложено од Комисијата, a тоа 55 отсто намалување на емисиите на CO2 до 2030 година во однос на нивото од 2021 година. Некои интересни групи бараа повеќе, со што производството и продажбата на дизели и бензинци би станало неодржливо. Ваквиот потег на Комитетот веројатно ќе го поздрават многу купувачи (и претставници на автомобилската индустрија, кои веројатно лобирале за оваа одлука) бидејќи тоа значи дека цените на новите автомобили не треба претерано да растат и дека веројатно ќе продолжиме да купуваме мали градски автомобили до 2030 година. Со комбинирање на електрични автомобили и возила со мотори со внатрешно согорување, производителите на автомобили веројатно ќе ги постигнат саканите цели за намалување на емисиите. Комитетот го поддржа предлогот за намалување на емисиите на CO2 за 100 проценти до 2035 година, што ќе ја оневозможи продажбата на нови возила со фосилни горива во блокот од 27 земји.

Европската комисија предложи цели како дел од поголемиот пакет политики за климатски промени минатиот јули. Целиот Европски парламент во наредните месеци ќе гласа за предлозите за емисиите на CO2 во автомобилскиот сектор, по што европратениците и земјите од ЕУ мора да преговараат за конечните правила.

ЕУ исто така расправа за тоа државите да се обврзат на проширување на својата мрежа на станици за полнење на електрични возила. Без тоа, идејата да се прекине продажбата на бензинци и дизели во 2035 година нема многу смисла.