Потпишан нов договор: ГН на Австрија останува дел од Formula 1 календарот до 2027 година
Трките од Светскиот шампионат во Formula 1 ќе продолжат да се одржуваат на Red Bull Ring најмалку до 2027 година, бидејќи е потврден новиот четиригодишен договор меѓу F1 и организаторите на Австриското ГП
Големата награда на Австрија првпат во рамките на Светскиот шампионат во Formula 1 се појави во 1964 година, со трка одржана во Зелтвег. Следното издание се одржало во 1970 година на патеката Österreichring (денешен Red Bull Ring) по што останува како локација континуирано до 1987 година. Трки во Formula 1 во Австрија се одржувале и од 1997 до 2003 година, а патеката во тој период го носи името А1 Ring. По уште една долга пауза се случи третото враќање на Големата награда на Австрија во 2014 година со сегашното име на патеката Red Bull Ring.
Годинава ќе се одржи десеттото по ред австриско ГП, а во претходните девет најуспешен беше Mercedes со пет победи (Розберг и Ботас по две, Хамилтон една). Макс Верстапен три пати му донесе радост на Red Bull Racing, за минатата година да триумфира Чарлс Леклер во Ferrari. Секако, треба да се спомене дека во 2020 и 2021 година на Red Bull Ring се одржаа две F1 трки поради пандемијата. Големата награда на Штаерска ја освоија Хамилтон и Верстапен.
Големи бројки се поврзани со трката во Австрија. Минатата сезона, за време на тркачкиот викенд на Red Bull Ring продефилираа преку 300.000 луѓе. Исто така, Големата награда на Австрија обично нуди добри трки, па навивачите можат да бидат задоволни со останокот на оваа трка во календарот на F1. Сега е потврден нов четиригодишен договор, според кој австриското ГП ќе го гледаме најмалки до 2027 година.
„ГН на Австрија претставува совршената комбинација на предизвикувачка патека, брзо тркање и прекрасна локација за нашите фанови. Среќен сум што по овој нов договор ќе се враќаме на Red Bull Ring барем до 2027 година“, вели Стефано Доменикали.
„Додека ја прославуваме 10-годишнината од враќањето во Шпилберг, сакам да им се заблагодарам на сите кои беа вклучени во обновувањето на овој договор, особено на промотерот и на Red Bull, а сакам да оддадам почит кон Дитрих Матешич за љубовта, страста и визијата кој ги донесе во Formula 1 и со што е обезбеден континуираниот успех на овој настан, како и огромниот ентузијазм за нашиот спорт во Австрија и ширум светот“, дополнува Доменикали.
Годинава ГН на Австрија ќе биде десетта трка во календарот од Светскиот шампионат, а ќе се вози од 30 јуни до 2 јули.