Porsche размислува да го интегрира софтверот на Google
Сопствениците на Porsche би можеле да имаат директен пристап до апликации на Google како Google Maps и Google Assistant без врзување на Android телефон
Според извештаите, Porsche размислува целосно да го интегрира софтверот на Google во своите автомобили. Ако договорот биде постигнат, тоа ќе означи промена во стратегијата за производителот на автомобили.
Договорот ќе им овозможи на клиентите на Porsche да пристапуваат до апликациите на Google како Google Maps и Google Assistant ббез врзување на Android телефон.
Финансискиот директор на Porsche, Луц Мешке, уште минатиот октомври изјави дека компанијата е во близок контакт со Google и Apple, а исто така, и со Baidu, Tencent и Alibaba во Кина. Porsche претходно ја прекина соработката со единицата Cariad на VW за истражување и развој на софтвер.
Porsche претходно се двоумеше дали да го користи софтверот на Google бидејќи Google побарал да се споделуваат премногу податоци. Технолошките компании од Google до Apple и Amazon се тркаат да ја преземат контролата и да ги оптимизираат контролните табли на производителите на автомобили, затоа што им е јасно дека софтверот станува составен дел од дизајнот на автомобилите.
Производителите на автомобили, вклучувајќи ги General Motors, Renault, Nissan и Ford, веќе користат вградена технологија на Google во своите возила преку пакетот Google Automotive Services (GAS). На овој начин, производителите на автомобили нудат функции како Google Maps, Google Assistant и други апликации.
Сепак, некои производители на автомобили се многу претпазливи да соработуваат со технолошките гиганти. Тие не сакаат да дозволат неограничен пристап до податоците генерирани од одредени автомобили. Исто така, тие не сакаат да им дозволат да го заменат брендот на производителот на автомобили со нивни на екраните на контролната табла.
Што се однесува до BMW, тој „дефинитивно не сака да го интегрира“ GAS во своите автомобили, изјави портпаролот на компанијата. „Важно е компанијата да го одржува корисничкиот интерфејс“, се вели во соопштението.